На плоштад, наместо во училница – одржан првиот час на тетовските гимназијалци

Школската година за тетовските гимназијалци од македонските паралелки наместо во училишни клупи започна на плоштад. Веќе цел месец ја бојкотираат наставата бидејќи општината ги принудува и оваа година наставата да ја следат во Работничкиот универзитет – простории кои се неприфатливи за гимназијалците.

„Учениците од нашето училиште се едни од десетте најдобри, а учеле во училници каде што нема компјутери, каде нема никаков кабинет – ни по хемија ни по физика. Цел месец сме дома и немаме никакви информации што ќе се случи понатаму“, рече една гимназијалка од 4-та година.

„Не е работа овде да седиме – да бидеме отфрлени од другите. Сите имаат школо, само ние немаме“, вели друга ученичка.

gimnazijalci-protest-3

Наставата на отворено следува како протест по несоодветниот третман од надлежните. Средношколците, нивните родители и професори велат дека се револтирани и разочарани од празните ветувања на институциите кои секоја година најавуваат изградба на објект во рамките на матичната гимназија.

„Се согласивме наставата да ја следиме во три смени во матичното училиште на предлог на градоначалничката, но ни беше укажано дека тоа е противзаконски. Се прашуваме дали е законски веќе пет години да посетуваме настава како номади, раселени во две згради – во едната учејќи со ученици од основно училиште, а во другата во мизерни и понижувачки услови. Зарем не е противзаконски да се кршат основните човекови права и правата на децата да учат во нормални услови“, вели Дејан Ѓурчиновски, професорот во гимназијата.

Тој ги замоли и политичките партии да престанат со меѓусебни обвинувања и да не ја користат оваа ситуација пред избори, бидејќи сите тие имале време и можност досега да го решат нивниот проблем.

Од страна на градоначалничката Теута Арифи, на почетокот на месецот, беше ветено дека учениците ќе бидат вратени во матичниот објект на гимназијата до изградба на нови простории кои долгорочно ќе го надминат овој проблем. Сепак, оваа одлука не се испочитува, а учениците останаа дома.

Околу 250 гимназијалци од македонска настава со години настава следат привремено во објекти на други установи, во лоши услови, чекајќи ја доградбата на централниот објект на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ која сите страни ја сметаат како единствено долгорочно решение за нивниот проблем.