На интернет кружи кампања за принцезата Леиа да стане официјална Дизни принцеза

Петиција за принцезата Леиа Органа од „Војна на ѕвездите“ да стане официјална Дизни принцеза веќе надмина 94 илјади потписи.

Повикот на change.org беше отворен веднаш после смртта на Кери Фишер, која ја игра Леиа во иконичната филмска франшиза.

Кампањата е отворена од Коди Кристенсен од Јута, САД. Во неа пишува:

„После трагичната загуба на Кери Фишер, сметаме дека е погодно Дизни да го смени правилото дека официјална Дизни принцеза мора да биде анимирана, и да ја прогласи Леиа за вистинска принцеза.

Бараме Волт Дизни корпорацијата да одржи церемонија со која ќе ја прогласи Леиа за најнова Дизни принцеза, како и да одржи посебна меморијална служба за Кери Фишер“.

Фишер почина кон крајот на декември од срцев удар, а беше погребана заедна со својата мајка Деби Рејнолдс, која почина еден ден подоцна.

Дизни ја откупи франшизата „Војна на ѕвездите“ заедно со продукцијата Лукасфилм за 4 милијарди долари во 2012 година.