МВР била повикана да ги штити членовите на СПУКМ, Пленумци бараат записник

Студентскиот парламент писмено го известило СВР Скопје дека ќе се одржуваат избори и побарале заштита за време на блокадата пред нивните простории, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Тие велат дека од нив е побарано да се обезбеди физичко присуство на полициски службеници пред канцелариите и на факултетите, како и при транспортот на кутии од факултетите кон канцелариите, поради претходно упатени јавни закани во медиуми и социјални мрежи за попречување на избирачкиот процес и кршење на кутии во дописот е побарано да се обезбеди физичко присуство на полициски службеници.

„По завршување на гласањето околу 16,30 часот во СВР Скопје добиено е телефонско известување од страна на официјален претставник од изборната комисија на УКИМ и претставник од студентскиот парламент, дека група студенти кои се наоѓале пред студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, (каде се сместени канцелариите на Студентскиот Парламент), попречуваат внесување на избирачкиот материјал за пребројување во канцелариите“, стои во соопштението на МВР.

Од МВР велат дека блокадата била поставена со цел групата да се одржи безбедно растојание и да се овозможи студентите кои се наоѓале во објектот, слободно да го напуштат. Во нивниот извештај, исто така, стои дека за време на блокадата, дел од студентите започнале да тропаат по вратата од објектот и ја оштетиле, иако во видеото на Радио МОФ се гледа дека студентите негираат дека го направиле тоа.

По ова, Студентскиот парламент уште во три наврати пријавиле во СВР Скопје дека се плашат да излезат надвор, бидејќи непознати лица им светеле со ласери и им се заканувале дека доколку излезат, истите ќе ги бојадисаат.

„Полициските службеници превентивно и без употреба на средства за присилба се поставиле пред влезот на објектот, со цел безбедно да влезат тројцата студенти. Кога тројцата студенти со гласачките кутии пристигнале пред вратата на објектот, таму веќе се наоѓале група студенти кои не им дозволувале да влезат во објектот и истите одзеле една кутија, при тоа фрлајќи ја на земја започнале да им се закануваат. Дел од студентите кои биле поставени позади полицискиот кордон, пробале да го пробијат, но истите од страна на полициските службеници се задржани на безбедно растојание и преземени се мерки за одалечување на лицата кои се наоѓале пред влезот на објектот.

Околу 23,30 часот, лицата кои биле во канцеларија, најпрвин половина од нив пробале да излезат од задната страна на студентскиот дом, каде биле пресретнати од поголема група на граѓани кои почнале да им се закануваат, за што од страна на полициски службеници била поставена блокада на групата со цел да се овозможи безбедно заминување на лицата кои биле во канцелариите на Студенскиот дом. По ова, при обид лицето Кирил Спировски и уште десеттина студенти да излезат од задната страна на објектот, биле пресретнати од група на студенти, при што Спировски бил вербално навредуван и во еден момент бил удрен со тврд предмет, поради што заедно со останатите студентите се вратил во објектот, а групата се упатила кон нив и ја скршиле задната врата“, тврдат од МВР.

Сепак, од Пленумот негираат дека се обиделе да го повредат Спировски, или кој било друг, туку едноставно се обиделе да влезат во канцелариите за да видат колку гласачки кутии се однесени во СПУКМ. Поради тоа, тие бараат записник од патролите кои тие ги повикаа.

Исто така, Пленумот бара сите полициски службеници коишто се однесувале грубо да бидат најдени од снимките коишто ги поседува МВР и веднаш да се покрене дисциплинска постапка против нив. Во спротивно, велат од Пленумот, тие засебно ќе поднесуваат кривични пријави, против министерот, командирот и секој што ставил потпис за синоќешната акција.

Студентски пленум за денеска најави протест, во 19 часот пред СПУКМ.