Музичката индустрија заглавена во борбата за превласт на двете здруженија за заштита на авторски права

Зошто дојде до забрана на македонска музика на радијата и телевизиите и која е потребата од две здруженија за авторски права во држава со релативно мал музички пазар, беше темата на дискусија на панелот „Оваа ноќ не е мој ден“ во рамки на ПИН музичката конференција која се одвиваше во Скопје изминатиов викенд.

Музичкиот пазар да биде продуктивен во Македонија, но и надвор, авторите да заработуваат од својата музика, а медиумите и слушателите да имаат задоволени потреби, во изминатиов период во Македонија се чини невозможна мисија. Истовремено, одредени композитори кои формираа посебно здружение кое врши распределба на тантиеми од авторски права, обвинуваат дека досегашното единствено здружение ЗАМП (Здружение за заштита на авторските права), не работело како што треба со децении наназад. Кое е решението од ваквата ситуација, и како македонската музичка продукција може да излезе од овој ќорсокак, се дискутираше на Пин музичката конференција, организирана од Пасворд продукција.

Сони Петровски, претседател на СОКОМ МАП (Сојуз на композитори на Македонија), вели дека новоформираното здружение е начин за колективна заштита на авторите кое има лиценца од Министерството за култура.

„Авторските права се област во којашто авторите имаат и бизнис интереси – односно да наплатат за своето творештво. Низ годините сме воочиле бројни нерегуларности во третманот на авторските права, пред сè од стручната служба на ЗАМП. Поради тоа, една група на автори решија да излезат колективно од ЗАМП и да формираат ново здружение кое ќе има сосема поразличен однос кон своите корисници“, објаснува Петровски.

Сепак, музичарот Мирко Попов е несогласен.

„Главните актери на оваа вистинска криза, се пред сè Министерството за куктура, СОКОМ МАП и ЗАМП, а во втор план најголемите медиуми како МТВ, Сител, Канал 5, кои должат најмногу пари на авторите. Тие се главните генератори на оваа криза, но никогаш не се појавуваат на вакви дебати и дискусии“.

Попов критикува дека музичарите воопшто не можат да стигнат до дискусија со здруженијата, кои според него не се грижат за композиторите.

„Сиот овој напад врз музичката индустрија е генерално атак за прераспределба на моќта при поделбата на парите – тоа е или фино рекетирање, или ослободување од одговорност да се платат ’тешките’ средства кои се должат“, смета Попов. Додава дека е „тотална небулоза да се забрани македонската музика, и тоа е само уште еден чекор во оваа наша македонска самоубиствена траекторија како држава“.

Неговото мислење дека се потребни промени го дели и Александар Ристовски – Принц, композитор и претседател на Здружението на автори на музички дела Шпато: „Полошо од тоа СОКОМ да биде единственото друштво кое ќе ги распределува средствата за авторските права, е да останат двете. Две здруженија е формула за пропаст, тоа значи блокади, забрани, изземување од едното здружение или другото“.

Ристовски укажува дека ретко има примери на држави во кои има две вакви здруженија: „Во Германија има едно. Во Франција има 19, но се од различни колонии. Посебно за едно тло, во една педа земја како Македонија да има две вакви здруженија, е бесмислено“.

Петровски од СОКОМ МАП, пак, демантира дека има слични случаи и во другите земји, а најголемите проблеми се во однос на распределбата на средствата.

„Знаеме дека ЗАМП собира околу повеќе од 2 милиони евра годишно. Стручната служба има право за своите потреби да користи околу 15 проценти, а покрај тоа има и еден куп други помали и повисоки пари кои ги земаат по разни основи, врз основа на разни одлуки на Собранието, а коишто не се користат за намените за коишто се издвоени од авторскиот џеб“.

Како за пример, Петровски укажува дека дополнително четири проценти ЗАМП одвојува за стимулација на творештво, но се користат за дневници на управното тело, а не за тоа за што се одвоени.

„ЗАМП билда фондови со години наназад и денес има 5 милиони евра на својата сметка нераспределени средства. Тоа е еден огромен проблем којшто го гледаме – парите мора да стигнат до авторските џебови. Сметам дека од тука произлегува најголемото незадоволство на авторите и само на ваков начин бидејќи интерно не можеа да се решат проблемите, единствен начин беше да се формира нова организација бидејќи законот тоа го овозможува“, додава.

Ранко Петровиќ, сопственик на Радио Бубамара, вели дека интерните препирки и дупките во законите им донеле најголема штета на слушателите на македонска музика, но и на сопствениците на медиумите.

„Како приватна радио станица, не остваруваме големи профити како телевизиите. Како приватни медиуми кои влегуваат во оние пет посто од ЗАМП сме најмалку информирани за одлуките кои таму се носат и начинот на работа. Кризата трае веќе со години, а ние иако редовно плаќаме како медиум, бидејќи немаме некое квалитетно здружение, сме најзагрозени од ваквите промени“, потенцира тој.

Потсетува на законот донесен од Министерството за култура и Агенцијата за електронски комуникации, според кој мораат да емитуваат 50 проценти македонска музика, додека од друга страна ЗАМП им забранува да ја емитуваат.

„Оштетени сме од сите страни и институции, иако се трудиме коректно и според правилата да ја извршуваме својата работа“, заклучува Петровиќ.

Стефанија Тенекеџиева