Мурат Озиашар и Башким Шеху добитници на „Балканика“ за 2015 и 2016

Скопје викендов беше домаќин на еден од најзначајните книжевни настани во регионот – жирирање и свечено доделување на меѓународната книжевна награда „Балканика“ за најдобра книга за 2015 и 2016 година.

На вчерашното свечено доделување во киното „Фросина“ во Скопје, турскиот писател Мурат Озиашар бeше прогласен за добитник на наградата „Балканика“ за 2016 година за неговата книга „Црн хумор“ (Yellow laugh). Меѓу седумте кандидати за наградата, од Македонија беше Лидија Димковска, со романот „Но-Уи“ („Или-Или“). Наградата за 2015 година ја доби Башким Шеху, писател од Албанија кој живее во Барселона, за книгата „Играта на падот на небото“ (The Game, the fall of the sky). Наш кандидат за оваа награда лани беше Владимир Јанковски со романот „Невидливи љубови“ на „Антолог“.

На свеченото доделување, на присутните претставници на Фондацијата „Балканика“, издавачи и автори од седумте земји – членки од регионот им се обрати заменик-министерот за култура на Република Македонија, Владимир Лазовски. Тој потенцираше дека е важно во сите 7 земји – членки да продолжи да се негува и унапредува оваа традиција, во дослух со современите трендови.

„Република Македонија ќе продолжи да дава значајна поддршка за ваков тип на манифестации и ги охрабруваме културните институции од сите земји – членки да го сторат истото. Денешницата, дигиталната ера која носи бришење на границите за комуницирање и патување на културата и уметноста, ги носи и своите предизвици. Честопати ни се чини дека зборовите го губат своето значење и вредност во една општа деградација на јавниот дискурс. Гледајќи во вас, го гледам најсилното оружје со кое можеме да се справиме со тие предизвици – убавиот збор“, истакна заменик-министерот Лазовски.

Изборот на наградените го спроведе меѓународното жири, составено од седум реномирани книжевни критичари од секоја држава, кое го предводеше претседателот на жирито, професорот Ендрју Вахтел од САД. Фондацијата „Балканика“ е основана во 1996 година, од страна на релевантни издавачки куќи од седум држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија.