МултиКулти центарот во Куманово нападнат од вандали-навивачи

Непознати сторители утрово ги избришале пораките за мир и соживот од ѕидот на Младинскиот центар МултиКулти во Куманово. Како што објавија од Центарот,  според текстот напишан на фасадата се работи за припадници на навивачка група која е официјална навивачка група на општината.

Вандали-навивачи со напад врз МултиКулти центарот во Куманово

Радио МОФ интегрално Ви ја пренесува реакцијата на Центарот за меѓукултурен дијалог по повод немилиот настан:

„Навивачката група се позасилено дејствува низ градот, а до сега нивните акции на вандалство не се осудени од локалните власти кои се поддржувачи на клубовите за кои оваа група навива. Се надеваме дека властите ќе се оградат од дејствувањето на навивачката група и посебно од зачестеното уништување на приватен имот кој оваа група го прави. Како дополнителен поттик е и недостатокот на превентивни и репресивни мерки кои би осигурале дека навивачките групи нема да прераснат во неконтролирани хулигани.

Вандали-навивачи со напад врз МултиКулти центарот во КумановоГрупата официјално служи за локал-патриотски побуди кај македонското население во Куманово и честопати е во насилен конфликт со немакедонците. Преку ваквото дејствување групата потврди дека идеите што ги промовира МултиКулти во Куманово за нив се неприфатливи односно идејата заедно во различноста не може да биде мото на општината Куманово. Со ова се зададе сериозен удар на меѓуетничкиот соживот во Куманово и на напорите кои се развиваат секојдневно од се помалку поединци за да се спаси идејата за живеење заедно.

Јасно е дека младите во Куманово се под сериозно влијание на тешката социјална и економска положба и својот револт сакаат да го изразат на некој начин со цел да се даде на знаење на центрите со моќ дека итно е потребна акција. За жал оваа состојба е честопати ги става младите во позиција лесно да бидат изманипулирани и привлечени од радикални идеологии кои штетат во процесите на создавање на подобра заедничка иднина за сите.

Затоа Центар за меѓукултурен дијалог јавно бара:

Општина Куманово како спонзор а клубовите поддржувани од навивачката група јавно да ги осуди овие инциденти да ги превземе сите мерки да запре уништувањето на приватната сопственост. Локалните власти вклучително и СВР Куманово мораат  да направат се за да запрат расистичките и националистичките повици од спортските навивачки групи и постојаното уништување на јавниот простор кои се ризик за безбедноста во градот.

Локалните власти во најбрз можен рок да идентификуваат локации каде младите можат да цртаат графити и да ги обележат овие места. Очигледно е дека младите имаат потреба да го искажат својот бес и револт за состојбата во која живеат и затоа е важно самиот систем тоа да го препознае и да го вклопи со цел ваквите форми на вандализам да бидат следени и контролирани. На ваков начин ќе се заштити и приватната сопственост на жителите на градот.

MK_vandalizam2Од општината да се превземат сериозни мерки преку административно-финансиски програми за поддршка на младинската работа во младинските центри бидејќи токму преку вакви програми ќе се спречи растечкиот радикализам меѓу младите. Општината Куманово во последните неколку години финансиски нема поддржано ни еден младински проект додека секогаш за спортските навивачки групи има пари. Преку поддршка на младинската работа општината Куманово ќе даде директен знак дека за нив е важно да се чува меѓуетничкиот соживот во градот кој преку овој напад на младинскиот центар се докажа дека е на стаклени нозе.

Со цел да докажеме дека и во Куманово може да постои урбана уметност и истата да биде со позитивен предзнак како што е во развиените делови на светот, Центарот за меѓукултурен дијалог ги повикува сите уметници кои сакаат да цртаат на Првиот Кумановски Графити фест, за да го обновиме МултиКулти центарот со цел истиот повторно да биде место од каде ќе се промовира прогресивната идеја во Куманово. МултиКулти е место за оние малку млади кои веруваат дека може да живееме заедно не затоа што мора, туку затоа што на тој начин сите ќе станеме интелектуално побогати. Иако оваа мислење не го споделуваат официјалните лица, се надеваме дека ќе докажеме дека во градот има критична маса која ќе ги возобнови продуктите и местата кои повикуваат на соживот.

Настанот за возобновување на МултиКулти симболично е наречен “Куманово е МултиКулти„ бидејќи на овој начин недвосмислено ја праќаме пораката дека во овој град идејата за живеење заедно на различни култури, верувања, изразувања, однесувања под взаемно прифаќање и разбирање одсекогаш била една од главните одлики на градот. Преку настанот сите урбани уметници се повикани да се изразат и да не толерираат повеќе насилство и вандализам, туку да ги искажат нивните идеи за промоција на разноликоста јавно и гласно да се борат градот да стане заедничко безбедно место за сите.“