МТСП со кривична пријава против 11 лица за третманот на штитеничката од „25 мај“

Кривична пријава против единаесет лица во врска со случајот со 13-годишната штитеничката од Заводот „25 мај“, која беше жртва на сексуално злоставување, најавија од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) по извршениот вонреден инспекциски надзор.

Од Министерството соопштуваат дека кривичната пријава е против одговорните лица во Центарот за социјална работа – Скопје за „несовесно работење во служба“ и против стручните лица вработени во центарот за кривичното дело „запуштање на малолетно лице“ и „несовесно работење во служба“.

„Оваа пријава ќе биде покрената против сите лица кои биле задолжени да постапуваат и преземаат службени дејствија по предметот на малолетната Р.И. во периодот од 2012 – 2017 година“, соопштија од МТСП.

Од таму информираат дека инспекторите поднеле и 12 иницијативи за покренување дисциплинска постапка против стручни лица, а поведени се и 13 постапки за сторени прекршоци од страна на стручните лица во постапувањето во овој случај.