МТСП: Имаме индиции дека 13-годишното девојче било жртва на трговија со луѓе

Министерството за труд и социјална политика негира дека тринаесетгодишното девојче, за чиј случај вчера алармираше Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) , било сексуално злоупотребувано во самата институција каде што е згрижена, а велат и дека на нејзините родители им било одземено родителското право поради користење деца за питачење.

ЕЦПР: Институциите не реагираат на силувањата на штитенички од домот „25 Мај“

„Сметаме дека е потребно да се нагласи дека се невистинити информациите дека Р.И. била сексуално злоупотребувана во самата институција каде што е згрижена. Но, постојат сериозни индиции за нејзина сексуална експлоатација во периодите кога ја напуштала установата, односно дека Р.И. е жртва на трговија со луѓе“, посочуваат до Министерството за труд и социјална политика.

За ова, велат, информирано било Министерството за внатрешни работи. Поради занемаруање, посочуваат дека било одземено родителското право на нејзините родители, а не како што посочуваат од ЕЦПР, поради сиромаштија.

„Нејзините родители биле осудени на затворска казна поради злоупотреба на децата, занемарување на родителска должност и родителското правоОд тие причини, во изминатите години Р.И. била сместувана во неколку згрижувачки семејства и во ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје. Воедно, потенцираме дека Заводот е од отворен тип и нема ингеренции со примена на сила да ги држи децата во установата. Поточно, такво однесување е забрането со закон“, се наведува во соопштението на Министерството.

Од Цивил медиа пак, објавија интервју со нејзииот татко, кој бара да му се врати детето, бидејќи има голем ризик повторно да биде силувана.

Од МВР пак посочуваат дека тринаесетгодишното девојче од домот „25 Мај“ девет пати било пријавувано за исчезнато од страна на вработени во социјално-згрижувачките установи, при што во сите девет случаи е постапувано од страна на соодветните полициски служби.

Во документираните случаи, посочуваат, било разговарано е со лица инволвирани во незаконски дејствија од областа на кривични дела против половата слобода, за што се направени детални известувања доставени во надлежното ОЈО за натамошно постапување.

„На 13.11.2017 год. околу 22.30 ч. од страна на ЈЗУ Општа Болница – Детско одделение Велес во СВР Велес е пријавено дека кај нив е донесена малолетничката во безсознание. На 14.11.2017 г., по барање на МВР, ОЈО издаде писмена наредба за вршење преглед на детето во Судска медицина – Скопје. Врз основа на наодот од извршениот преглед, документирана е кривична пријава против Е.У. до ОЈО Велес за полов напад врз дете, а истрагата е проширена и на други лица, за што ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО“. се вели во еден од случаите нотирани од МВР.

Тринаесетгодишното девојче, како што вчера соопштија од ЕЦПР, морала да абортира откако била силувана, а институциите чија штитеничка била, не ја заштитиле. Слични приказни посочуваат дека се случуваат и со други девојчиња во домот „25 мај“.