МОСТ со 3.300 набљудувачи на предвремените парламентарни избори 2016

Во функција на спроведување фер и демократски избори граѓанската асоцијација МОСТ објави дека започнува со набљудување на предвремените парламентарни избори 2016 и за таа цел на денот на изборите ќе бидат ангажирани околу 3.300 набљудувачи на целата територија на Македонија.

Претседателот на МОСТ Дарко Алексов рече дека за сеопфатна оценка на текот на изборите набљудувачите на МОСТ ќе ги следат текот на изборната кампања, работата на изборните органи, предвременото гласање, како и процесот на одлучување по приговорите.

За таа цел, 80 набљудувачи се веќе распоредени во сите општини во државата и ги следат активностите на политичките партии и државните институции, како и работата на изборните органи, соопштиАлексов.

Од денеска започнува јавниот увид во Избирачкиот список, кој ќе трае до 11 ноември и МОСТ ги повикува граѓаните да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија, како и на интернет страницата.

Граѓаните ќе можат да пријават било какви нерегуларности на бесплатната телефонска линија 080 080 080.

МОСТ, во рамки на кампањата за промовирање на заштита на избирачкото право, слободата и тајноста на гласот, промовираше и видео „Твојот глас е само твое право“.

Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ досега е поддржан од Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.