Morrissey: Планот на австралиската влада за убиство на два милиони мачки е идиотизам

Британскиот музичар и фронтмен на групата The Smiths, Morrissey, летово изнесе низа контроверзни и директни коментари – од тоа дека не му се допаѓаат Sam Smith и Ed Sheeran, до тврдењето дека американскиот претседател Obama е „премногу бел внатре“. Сега, Morrissey ја нападна австралиската влада, велејќи дека нејзиниот план да елиминира два милиони улични мачки е „идиотизам“.

Владата на Австралија во јули соопшти дека планира да постави замки со отров низ целата држава, кои треба да ја намалат популацијата на улични мачки за два милиони. Мачките, според проценките на австралиските власти, делуваат штетно врз некои автохтони видови на животни на континентот, со што се доведува во прашање нивниот опстанок.

„Сите знаеме дека идиоти ја владеат Земјата, но со ова идиотизмот оди предалеку. Мачките (кои ја држат популацијата на глодачи под контрола) ќе бидат убиени на свиреп начин, со користење на Компонентата 10/80, што е ужасен отров што предизвикува незамислив и долг ужас.

Граѓаните на Австралија никогаш не би се сложиле со ова – но, секако, нив нема никој да ги праша, затоа што австралиската влада предводена од Tony Abbott во суштина е збир на фармери на овци без никакви грижи ниту почит за животните. Овие мачки, всушност, се два милиони помали верзии на Лавот Сесил“, се вели во официјалната изјава на Morrissey.