Монтажерите во фокусот на програмата „Синематик“ на „Мобил фестивал“

Седмото издание на „Мобил фестивал“ продолжува со тридневна програма „Синематик“ која ги става во фокус монтажерите. Фестивалот со тоа од годинава сака да им оддаде почит на монтажерите за нивната работа и да се осврне на постпродукциската работа на филмот, посветеноста, иновативноста и квалитетот во областа на филмската монтажа и постпродукција.

Програмата „Синематик“ опфаќа четири проекции на долгометражни филмови во соработка со Eye on Films од Франција, платформата за поддршка на први и втори играни филмови на режисери. Во рамките на оваа програма Асоцијацијата на филмски продуценти на Македонија ќе додели признание за најдобриот филм. Ќе бидат прикажани по два филма во двата дена, во Џебното кино при Младински културен центар од 19 и од 21.30 часот.

Програмата почнува во среда во 19 часот со проекција на филмот „Псевдоним“. Специјален гостин е режисерот Тиери Себан, кој после проекцијата ќе одговара на прашања од публиката. Влезот е бесплатен.

„Псевдоним“ досега учествувал на десетина меѓународни фестивали, а освоил и неколку награди: Награда на критиката на фестивалот „Фантаспорто порто“, најдобро прво филмско остварување на Европскиот независен филмски фестивал во Париз, како и награда од жирито на Интернационалниот филмски фестивал во Хјустон. Седан е актер, сценарист и режисер. Пред „Псевдоним“, снимил неколку кратки филмови, а играл и во театар.

Во рамките на „Синематик“, ќе биде одржана и работилница за монтажа која ќе ја води монтажерот Атанас Георгиев. Работилницата со наслов „Онлајн промоција на филмски трејлери“ ќе се одржи в понеделник (12 декември) од 11:30 часот на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Станува збор за работилница за изработка на трејлери во времетраење од 8 секунди за промоција на филмовите, предизвиците, предностите и недостатоците.

Асоцијацијата на филмски професионалци на Македонија, во соработка со „Мобил фестивал“ ќе му доделат награда за животно дело на култниот француски монтажер Жак Вита. Наградата денеска ќе му биде врачена во Париз.

Инаку,„Мобил фестивал“ почна како прв Меѓународен фестивал на филмови снимени на мобилен телефон во Македонија. Според организаторите, во изминатите седум години, со секое наредно издание се обидува да фати чекор со времето и технологијата. Програмата „Синематик“ се надоврзува со оваа мисија на фестивалот.