МОН: Студентски пленум ќе биде вклучен во работната група за менување на Законот за високо образование

Студентски пленум ќе биде дел од новата работна група која ќе се фокусира на измени на Законот за високо образование, соопшти министерката за образование и наука Рената Дескоска, по денешната средба со претставници на иницијативата.

Деа Здравковска од Пленумот истакна дека после три години борба, тие конечно се викнати на средба во министерството. Според неа, најголем проблем е студентското организирање и нефункционалноста на студентските правобранители. Таа се надева дека конечно ќе се реши овој процес.

„Сакаме да продолжиме да работиме транспарентно и јавно и ќе ја мотивираме и самата министерка да работи во тој процес. Но, сакам да потсетам дека Студентски пленум не се формираше за да ја бутне претходната власт, туку да ја критикува секоја онаа што носи непросмислени и лоши реформи кои немаат позадина во областа на образованието. Затоа, ќе ја потсетуваме новата министерка дека ние сме тука кога ќе направи некој лош чекор“, изјави таа.

Дескоска за наредните денови најави консултации и со други засегнати страни.

„Мојата првенствена цел беше да се консултирам најпрво со оние коишто автентично го претставија револтот на студентите за тие измени“, рече Дескоска.

Според неа, Пленумци биле единствени кои јавно и прецизно ги нагласиле пропустите на Законот за високо образование и неговите досегашни измени, усвоени од претходната власт.

Таа вели дека имало обиди за добивање решение околу студентското организирање и новиот Закон за високо образование, но досега немало резултати.

„Се што било досега изработено, ние ќе го искористиме како појдовна основа, но во работната група ќе биде отворена можноста и за изворно истакнување на ставовите на студентите коишто ќе бидат земени во предвид“, рече Дескоска.

Покрај ова, студентите и министерката разговарале и за начинот на студирање и студентскиот стандард.

На новинарско прашање во однос на ревидирањето на учебниците и лектирите, Дескоска најави сеопфатна ревизија:

„Не смееме да дозволиме учениците да учат од погрешни учебници, кои ги полнат со предрасуди, со дискриминаторски ставови и говор на омраза. Тука мислам дека треба да се направи сериозна промена“.

Таа напомена дека кога ќе се забележи спорна содржина, се формира комисија составена од претставници на институции, експерти во областа, претставници од факултетите во областа, која откако ќе даде став, министерствот треба да постапува со законот.