МОН му забрани на Таравари да отпушта и именува директори на гостиварските училишта

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека донеле решение за одземање на вршење на работи надлежноста на Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари, за именување и разрешување директори на општинските основни и средни училишта во следните девет месеци.

Од МОН образложуваат дека решението е донесено врз основа на записниците од надзорот на Државниот просветен инспекторат, со цел да се овозможи непречено вршење на работите од областа на основното и средното образование.

„Решението е донесено во согласност со Законите за основното и средното образование, каде е утврдено дека МОН го одзема вршењето на работите кои со закон се утврдени како надлежност на општината доколку и покрај укажувањата и преземените мерки и активности, органите на општината не го обезбедат извршувањето на работите кои со закон се утврдени како нејзина надлежност и за чие извршување одговорна е општината“, стои во соопштението на МОН.

На ова решение на МОН реагираше и градоначалникот Таравари на својот фејсбук профил, посочувајќи дека истото го направила и претходната власт во 2010 година, со ироничен заклучок: „Секоја чест“.