МОН: Ќе се бориме за човековите права и родовата еднаквост

Министерството за образование и наука (МОН) преку соопштение до јавноста тврди дека прифатиле голем број од забелешките и предлозите на стручната јавност и граѓанските организации кои се однесуваа на Стратегијата за образованието 2018-2025 година.

„Стратегијата е насочена кон подобрување и почитувањето на различностите и демократските вредности и човекови права. Една од целите на Стратегијата е  спроведување на концептот на инклузивно и мултикултурно образование со фокус на родовата еднаквост и почитувањето на различности по било која основа. Секако, Стратегијата е рамка согласно која ќе се движат процесите во образованието, а овие принципи ќе бидат пресликани во новите наставни програми и учебниците“, велат од МОН.

Овие цели, додаваат од МОН, се предвидени како конкретни активности во основното и средното образование, и подразбираат ревидирање на учебниците така што истите ќе одразуваат родова еднаквост, почитување на различностите, мултикултурните и демократските вредности.

„Потврда дека Министерството за образование и наука одлучно ќе се бори против дискриминацијата по било која основа, претставува и повлекувањето на учебникот за ‘Граѓанско образование’ за осмо одделение, кој беше повлечен поради родова дискриминација и спорна содржина“, соопштува МОН.