Моќен земјотрес во централна Италија, срушени повеќе згради

Силен земјотрес го погоди централниот дел на Италија предизвикуваќи рушење на повеќе згради и историски цркви во малите градови и во градови кои веќе беа зафатени од потресите во изминатата недела.

Според првичните процени, земјотресот бил со јачина од 7,1 степени според Рихтер, а подоцна оваа бројка беше поправена на 6,6. Ова е најсилниот земјотрес досега, откако речиси 300 лица загинаа во централна Италија на 24 август во земјотресот што израмни неколку мали градови.

Се уште нема информации за жртви, иако штетата е од суштинско значење. Неколку локални медиуми пишуваат дека десет лица биле повредени, но дека нема потврдени смртни случаи.

Телевизиски пренос во живо го прикажа падот на црква во центарот на овој град, кој се наоѓа во близина на Перуџа во Умбрија. Делови на градот веќе се затворени.

Во уништените згради во Норција спаѓа и историската базилика на Свети Бенедикт и градското собрание.

Овој земјотрес следи по серијата потреси во земјата, во изминатите пет дена.

Земјотресот бил почувствуван се до Болцано, во близина на границата со Австрија, на југ во регионот Пуља и во јужниот дел на италијанскиот полуостров, а силно се почувствувал и во главниот град Рим.

Властите ги замолија граѓаните да користат смс пораки и WhatsApp за да се слушнат со најблиските, со цел да не се блокираат броевите за итни случаи, како што е интернационалниот број 112.