Многу медали за македонскиот тим на Летните олимписки игри на Специјална олимпијада

Со најмногу освоени медали до сега и со најголема олимписка делегација, Специјална олимпијада Македонија го одбележа својот успех на Летните олимписки игри на Специјална олимпијада, најголем глобален спортски и хуманитарен настан кој се одржа од 25 јули до втори август во Лос Анџелес, САД.

„Ова е најуспешен настап на нашата делегација на некои олимписки игри. Во сите олимписки дисциплини во кои се натпреварувавме, атлетика, пливање, пинг понг и Јунифајд кошарка освоивме медали. Со гордост се враќаме во Македонија за да ја споделиме радоста со домашната јавност. Овие Олимписки игри само потврдија дека нашите атлети со интензивни тренинзи во рамки на програмата на СОМ може да освојува медали во големи рингови. Им благодариме на сите поддржувачи кои веруваа во нас и нашиот тим“, вели Ана Петровска водач на делегацијата на Олимписките игри на Специјална олимпијада и претседател на Специјална олимпијада Македонија.

Македонската делегација на овие Олимписки игри учествуваше со 18 атлети кои се натпреваруваа во 4 спортски дисциплини: пливање, пинг понг, атлетика и јунифајд кошарка.

Реализацијата на овој значаен светски настан беше овозможена со поддршка на 300 000 волонтери кои несебично се вложуваат во беспрекорната подготовка на настанот, а ЕСПН обезбеди медиумско покривање на Олимписките игри со што сите земји учеснички има можност директно да ги следат своите делегации.
На 25. Специјална  олимпијада годинава учествуваа 7000 атлети, 3000 тренери од 177 земји и ја демонстрираа храброста, одлучноста и спортскиот дух пред повеќе од поливина милион директни навивачи на спортските арени.

Во продолжение е листата на носители на медали на македонските претставнички и претставници на Светски летни олимписки игри на Специјална олимпијада Лос Анџелес 2015:

Атлетика
Јулијана Петровска – злато на 100 метри
Ајвази Себат – сребро атлетика 200 метри
Ајвази Себат – сребро атлетика 400 метри
Албан Бајрамовски – сребро на 400 метри

Пливање
Марио Мицковски – злато 25 метри слободен стил
Стефан Трпковски – бронза 25 метри слободен стил
Јована Павловиќ – бронза 50 метри пливање слободен стил

Пинг Понг
Фатиме Бељур – бронза
Давид Стојановски – бронза

Кошарка
Јунифајд тим – сребро освоено во мечот Македонија – Брегот на Слоновата коска

Извор: ЛицеВЛице