Младите учат како да формираат став, да креираат настан и ги осознаваат своите права

Дебата, креативно помагање на заедницата и младинските права се трите теми на кои 80-тина средношколци од цела Македонија слушаат предавања за она што претставува од нивен интерес, но и за заедницата од којашто доаѓаат. Предавањата се дел од Летната акдемија организирана од Младинскиот образовен форум .

Кристина Митрова

Катерина Васковска која ги води предавањата за дебата објасни дека учесниците имаат можност да научат критичко размислување и аргументација, а воедно го претстави новиот формат на дебатирање „World School format“ кој ќе почне да се предава од септември во сите дебатерски клубови на МОФ во државата.

„Важноста на дебатата е огромна за средношколците бидејќи им помага да ги преиспитаат своите ставови, да креираат ставови и да веруваат во нив. Ги учи како да аргументираат, а не само слепо да следат одредени политики или одредени правила коишто некој ќе им ги наметне. Дебатата сама по себе те прави да бидеш критички настроен кон работите“, рече Васковска.

Додека дел од младите учат за тоа како да го одбранат и претстават својот став, втората тема на која се предава на Академијата се однесува претставување на волонтерството како силна алатка во помагање на заедницата на креативен начин. Бојана Низамовска, која денеска ги учеше учесниците како да организираат јавен настан, за Радио МОФ вели дека младите во Македонија не се целосно запознаени со концептот за волонтерство кога станува збор за организирање настани.

„ Целта на ова предавање е да научат како да организираат настани и креативно да ѝ помогнат на заедницата. Низ примери на планирање настани во Македонија и во странство учесниците ќе можат да научат како да напишат апликација за некој настан и дел од нив ќе бидат избрани за навистина да го направат тоа“, објасни Низамовска.

Третата тема на предавањата се однесува на учење на правата и слободите што младите ги имаат во состав на образовните институции. Според предавачот и правник Кристина Митрова, нема ништо премногу сложено во правото. Во текот на предавањата учесниците научија како да пишуваат приговори, симулираа училишен одбор и се запознаа со алатката за пристап на информации од јавен карактер. Крајната цел, вели Митрова, е да се создадат концепти што буквално ќе можат да решат одредени прашања што ги засегаат.

„ Ваквите предавања на младите им се важни бидејќи нашата цел не е да направиме од нив правници, туку да инспирираме млади што ќе сакаат да ги научат своите права и слободи. Така тие ќе бидат повеќе информирани и ќе можат благодарение на тоа да станат активни чинители во општеството“, изјави Митрова.

Во секоја од трите тематски групи на Академијата има по дваесетина учесници што доаѓаат од различни градови од државата кои низ интеракција дебатираат и разговараат за проблемите што секој ги има во својата заедница, по што доаѓаат до заеднички заклучок за тоа кое би било решението. Предавањата се оддржуваат од 25-30 август во одмаралиштето „Михајлово“ во Кавадарци.

Емилија Петревска