Младите се селективно застапени во медиумите

Младите не се доволно застапени во медиумите, а и оние кои успеваат да најдат место во насловите честопати се многу стереотипно, па дури и погрешно претставени, укажаа говорниците на панел дискусијата на оваа тема организирана во рамките на конференцијата „е-општество: Млади и медиуми“.

Фото: Flickr

Фото: Ванчо Џамбаски

Според Марко Матијевиќ од хрватскиот младински портал srednja.hr, мошне е важно е младите во медиумите да се претставуваат и на позитивен начин за да се разбие медиумското секојдневие, каде како што вели тој, младите се прикажуваат само во вестите кои имаат врска со криминал, нереди и негативни работи.

Младите имаат да понудат многу убави нешта, забележува Матијевиќ и додава дека треба да им се даде можност да се прикажат во едно поинакво светло.

„Општо земено мислам дека младите добиваат премалку простор во медиумите, освен ако не се познати фудбалери и со наполнети 18 години успеале да потпишат договор со познат европски клуб. Да, тоа е приказна за успешен млад човек, не велам не, но, има многу млади луѓе кои се целосно заборавени од страна на медиумите. а имаат направено фантастични работи со помош на нивниот мозок и образованието што го имаат. Па не се тие помалку вредни заради тоа и секако дека заслужуваат поголем простор“, смета Матијевиќ.

Моника Божиноска од Младинскиот образовен форум пак укажа на резултатите од регионалното истражување за младите и медиумите кое уште еднаш ја потврди слабата застапеност на оваа категорија граѓани во јавните гласила. Овој наод, нагласи Божиноска има повеќе сила и тежина затоа што е добиен директно од уредниците и од другите застапници на медиумите.

„Особено е важно младите да бидат застапени во сите теми – вклучувајќи ги и политичките и економските теми затоа што само така тие можат да се информираат и да влијаат врз овие процеси. Младите се незаменлив дел од општеството и како такви треба да се вклучат во сите медиумски соддржини“, истакна Божиноска.

Во однос на квалитетот на содржината која младите ја добиваат од медиумите, 47% од сметаат дека медиумите често пласираат лажни факти, 36% сметаат дека употребуваат јазик кој стимулира поделби, а 33% сметаат дека медиумите ги структурираат вестите на пропагандистички начин.  Општиот заклучок е дека младите малку им веруваат на содржините пласирани преку медиумите, при што радиото го сметаат за медиум кому најмногу може да му се верува покажа регионалното истражување за состојбата на младите во медиумите, спроведено во 11 земји од регионот.

Според добиените резултати, на регионално ниво, младите најмногу се застапени во спортските и забавните содржини, а најмалку во економските, политичките и религиозните содржини.

Дамјан Коложег