„Младински супер оркестар“-проект на три училишта од Македонија, Србија и Словенија

ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” го прифати учеството во проектот „Младински супер оркестар”, оркестар составен од ученици средношколци од музичките училишта во Словенија, Србија и Македонија.

„Младински супер оркестар” ќе одржи три концерти, соопштија од „Илија Николовски-Луј”. Концертите во Словенија и Србија ќе се одржат во Словенечката Филхармонија на 30 март и во големата сала на СКЦ Белград на 29 март, додека во Македонија концертот е најавен за 1 април, во новиот Македонски Народен Театар.

„Посебно не привлече идејата што ќе бидат изведени композиции од композитори од овие три држави. Веќе се испратени двете македонски композиции кои учениците од Словенија и Србија ги спремаат – Тешкото од Глигор Смокварски и Пајдушко од Сони Петровски“, изјави раководителот на проектот Наташа Малиновска.

Композиција од Србија ќе биде Голема чочек игра од познатиот српски композитор Петар Коњович, додека од Словенија е композицијата Словенски народни танци од композиторот Алојз Среботњак.

Претходните сезони овој оркестар имаше сложени и успешни турнеи во најпрестижните сали во Словенија, Италија, Србија, снимања за телевизии и полни сали. Музичката јавност во Србија по гостувањето на оркестарот во Белград, овој оркестар го прогласи за концертна сензација за 2013 година.