Младинска информираност – клуч за активни млади

Младите кои ги имаат сите информацииза политиките и мерките ќе може полесно да креираат сопствено аргументирано мислење, став или акција, пишува Александра Филипова од МОФ, која е членка и на Управниот одбор на Националниот младински совет на Македонија, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Младите многу често своето слободно време го поминуваат на Фејсбук, Твитер и на Инстаграм, а истражувањето „Младите и медиумите“ на Младинскиот образовен форум од 2011 година покажува дека младите го сметаат интернетот како најкористен медиум за едукација (77%), за информирање 75%, за комуникација и промоција (60%). Од друга страна, традиционалните медиуми се појавуваат со многу ниски процент.

Сепак, запознаеноста на младите со тековните младински процеси и младински политики не е на завидно ниво. Постојат повеќе истражувања на таа тема, кои продуцираат податоци за слабата младинска информираност за актите, мерките и активностите кои се преземаат за нив.

Истражување на Институтот за социјална демократија Прогрес покажува дека на пример 46 отсто од испитаниците слушнале за Националната стратегија за млади, но не се запознаени со содржината, додека 40 отсто не знаат што е тоа. Само 15 отсто се запознаени со тоа што содржи овој документ. Понатаму, истото истражување покажува дека со младинските политики на тогашната Влада добро се запознаени само седум проценти од испитаниците, делумно се запознаени 37 отсто, додека бројот на тие што не се запознаени е 43 проценти. 13 отсто од испитаниците никогаш не слушнале дека постојат младински политики. Со младинските политики на нивната општина добро се запознаени само шест проценти од испитаниците, делумно се запознаени 32 проценти, додека 44 проценти не се запознаени. Никогаш не слушнале дека во нивната општина постојат младински политики 18 проценти од испитаниците. Само 24 отсто од испитаниците мислат дека младинските политики на Владата ги опфаќаат приоритетите на младите во Македонија, 37 отсто дале негативен одговор, додека 39 отсто не се запознаени со младинските политики.

Од друга страна, оние кои се запознаени, наидуваат на друг тип на проблеми. Односно, истражување спроведено од НМСМ и ФЕС „Преглед на младинските политики во Македонија“ (2015) посочува дека 70 отсто од испитаните организации во досегашното работење се сретнале со недостиг на постоење на законска одредба, стратегија, политика или друг документ од интерес за младинските политики и младите. Најголемиот дел од партиите ја фокусираат содржината на изборната програма за млади на спортски активности и спортска инфраструктура, притоа занемарувајќи цели области како младински стандард, механизми за застапување за правата на младите, младинско организирање и информирање, младинско учество, меѓуминистерска соработка, програми за вработување и самовработување на младите. Исто така, отсуствуваат мерки на евалуација кои би помогнале прецизно утврдување на влијанието на мерката и постигнатите резултати. Генерално фактичката ситуација вели дека нема системски пристап, анализа на проблемот и статус кво ситуацијата ниту пак континуитет во предложените мерки. На завидно ниво се и вклученоста и комуникацијата со младите.

Студија за младите во Република Македонија, 2016 година, од друга страна покажува дека испитаниците во таа група речиси целосно прават идентификација на политичката со партиската активност што е загрижувачки, но истовремено е индикатор и за неинформирање за значењето на одредени поими и термини. „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“, истражување кое МОФ го спроведе во 2017 година, пак покажува дека младинските организации нивната запознаеност со работата на Агенцијата за млади и спорт ја оценуваат со просечна оценка од 2.44.

Имајќи ги предвид податоците кои се добиени од низа на истражувања, неминовна е потребата од работење на тема како младинска информираност преку здружени акции и сет на активности на сите чинители за подобрување на состојбата со оваа тема. На тој начин, односно креирајќи лесни и брзи методи за пренос на информации од областа на младински политики, младински проекти и активности за млади, кои ќе допрат до млади ќе се зголеми и едукацираноста на младите за теми кои директно ги засегаат. Од друга страна, младите кои ги имаат сите информации за политиките и мерките ќе може полесно да креираат сопствено аргументирано мислење, став или акција. Во време на креирање на нов Закон за високо образование, потенцијални измени на Законот за средно образование и Закон за основно образование, пилотирање на гаранција за млади, стратегии и мерки за младинско вработување и сите други активности кои се носат за унапредување на положбата на младите во изминатиов период, зголемената младинска информираност ќе овозможи усвоените мерки да вродат со плод, да стигнат до таргет групите, но и да ги мотивираат младите за поголемо вклучување и активирање во секој сегмент од општествениот живот. Знаејќи дека има многу канали за добивање на информации, освен напорите на институциите, потребна е проактивност и ангажирање од страна на младите затоа што само здружена и заедничка акција може да поттикне преземените механизми да имаат ефект.