Млади за Скопје #6 – концерт на Spectrum

Во склоп на „Млади за Скопје“, во Младинскиот културен центар на 6 април со почеток од 20 часот ќе се одржи концерт на „Spectrum“. Се работи за бенд од Скопје кој свири прогресив метал со елементи од многу други жанрови.

„Имаат голем потенцијал со предобрите инструменталнo-технички вештини кои ги поседуваат. Формирани се во октомври 2015. До сега имаат свирено на повеќе настани во нашиот град, како и низ Македонија. Ова ќе биде првиот нивни самостоен концерт“, велат од тимот на „Млади за Скопје“.

Инаку, „Млади за Скопје“ е серијал на концерти на кои целото внимание е насочено кон еден бенд. Концертите претставуваат супер место за да се видат многу млади, нови бендови, да се чуе што имаат тие да пренесат и да се доживее форма на уметност која потекнува од самите гаражи.

„‘Млади за Скопје’ служи за дружење на истомисленици, луѓе што ја сакаат музиката, уметноста и одењето на концерти. Давање до знаење дека постојат многу квалитетни бендови што за жал само малкумина чуле за нив. Место каде што после напорен ден, недела, месец можеш да одлепиш и да си ги наполниш батериите. Разменување искуства и креирање на појака домашна авторска сцена“, вели тимот на „Млади за Скопје“.