Млади претприемачи со идеи за бизниси решаваат горливи општествени проблеми

„Кога го започнав мојот бизнис, мислев дека е доволно да имам страст за тоа, а дека вештините се второстепени. За кратко време сфатив колку сум размислувала погрешно.“  Вака младата Ники Доминик ко-основачка на претпријатието „Imagine We” од Руанда ја започна својата претприемачка приказна споделувајќи колку е важно младите луѓе да имаат креативни идеи, но и вештини, знаења и алатки да ги претворат своите идеи во оперативни бизниси.

Токму тоа е и идејата на Наградата за социјално претприемништво – Social Impact Award 2018, еден од најголемите студентски натпревари спроведуван во дваесетина земји од  Европа и светот каде што младите предлагаат решенија за општествени проблеми. По четврти пат, ова натреварување се случува во Македонија, а за неговата реализација се задолжени Social Impact Lab со Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал, во партнерство со Шпаркасе банка Македонија, Пакомак и Конто Профит.

Наградата им нуди можност на младите во Македонија на возраст од 14 до 30 години да аплицираат со свои идеи за социјален бизнис и да освојат парични средства, инкубација, менторство, вмрежување и учество на меѓународниот самит на програмата. Преку Наградата за социјално претприемништво досега се поддржани 32 бизнис идеи од земјава.

„Младите во престојните три месеци, ќе можат да дојдат на некоја од нашите бесплатни работилници, да добијат знаења и вештини и да ги  аплицираат своите идеи за социјален бизнис преку платформата на наградата – http://socialimpactaward.mk. Доколку влезат во десетте финалисти во текот на летото нашите идни социјални претприемачи работат со експерти/ ментори за доразвивање на идејата. Понатаму, во септември стручното жири ќе одбере три победници, кои ќе добијат по 2000 евра од Шпаркасе банка. Четвртата награда, наградата изгласана од он –лајн заедницата ќе добие дополнителна менторска поддршка. Сите четири тима на почетокот на ноември ќе одат на меѓународиот самит на млади социјални претприемачи во Грузија, изјави Марија Матовска, Националната координаторка на програмата.

Проектот „Кулинари“ од организацијата Арно, платформата „Создади“, идниот надежен социјален бизнис „Coteriе“ и платформата „Храна за сите“, како победници на оваа награда во изминатите години истакнаа дека најважно за младите претприемачи е да работат заедно со своите колеги, да градат партнерства и стекнуваат меѓународно искуство.  На настанот учествуваа и претприемачи од Кенија, Уганда, Руанда, Словачка и Австрија кои во рамки на проектот „Младинско охрабрување преку социјално претприемништво – Ние се грижиме (Youth Empowerment through Social Entrepreneurship – We Care (YES, We Care)“ , разменуваат искуства и учат како да ги направат своите социјални бизниси одржливи.

Еден од нив е и Етијен Салбон од Германија, кој е ко-основач на Академијата за социјални бизниси (Social Innovation Academy (SINA), а повеќе од 10 години живее во Уганда, недалеку од главниот град, каде што пластичните шишиња се користат како градежен материјал за домови.

„Ние не сме тие кои создаваат идеи за социјален бизнис, бизнис идеите доаѓаат до нас“, изјави тој, потсетувајќи колку е важна улогата на младите да ги согледуваат недостатоците во општеството и да реагираат на нив.