Млади бегалци во камп во Грција започнаа свој магазин

Знамето на „Кралството Рицона“ има едноставен дизајн, но со длабоко значење. Синото на врвот ја означува грчката територија, црвеното пак ја претставува Турција. Жолтите линии ги пресекуваат, симболизирајќи ги оние кои умреле на опасниот пат преку Егејското Море, како и оние кои преживеале и сè уште очајно се трудат да стигнат до Европа.

Рицона не е кралство, ниту пак држава, туку бегалски камп во Грција. Нејзиното неофицијално знаме, дизајнирано од млади бегалци, е совршен пример за тоа како младите бегалци таму преземаат контрола над своите приказни и ги споделуваат со светот.

Во чест на Меѓународниот ден на младите, на 12 август, група млади бегалци ги објавија првите две изданија на Ritsona Kingdom Journal, магазин во кој се изразуваат себеси преку уметност, фотографија, кратки раскази, поезија и друго. Знамето стои на насловната страница на првиот број.

Сега, преку „дигитална изложба“ на магазинот, луѓето од цел свет можат да научат повеќе за Рицона, раскажано од младите кои живеат таму и да дознаат повеќе за проблемите кои ја опкрижуваат бегалската криза.

Магазинот е продуциран преку Lighthouse Relief Hellas, непрофитна организација која нуди помош на најранливите групи на бегалци. Младите бегалци се дел од Просторот за младинско ангажирање (Youth Engagement Space – YES), програма која им нуди безбеден простор на младите на возраст од 16-25 години да посетуваат работилници за различни вештини и да започнуваат креативни проекти.

Иако програмата почнала како иницијатива насочена кон уметноста, станала физички простор каде младите може да се поврзуваат со други, да разговараат или да имаат простор во кампот каде можат да работат или да се релаксираат.

„Мислиме дека магазинот добро го прикажува секој ден во овој простор“, вели Дафне Морген, менаџер на проектот. „Имаме секакви разговори – од најдобриот вид на сендвич, до експериментално готвење, феминизам и политика“.

„Силно веруваме дека ако некој добие и најмал поглед кон секојдневните интеракции на оваа младина, ќе ја засака колку што ја сакаме и ние“, додава.

Магазинот бил идеја на самите бегалци, а од организацијата велат дека токму на тоа се надевале со отворањето на просторот – дека ќе се раѓаат идеи и ќе еволуираат во поголеми проекти.