Мјузикл „Монти Пајтон Спамалот“ – британски хумор со локални шеги за актуелни општествени случувања

Британскиот хумор во комбинација со локални шеги, како и извонредната музичка и танцова изведба беа доволни за да се задржи публиката на своите седишта во Македонската опера и балет речиси три часа.

Бродвејскиот мјузикл „Монти Пајтон Спамалот“ кој годинава се организира во склоп на фестивалот Таксират, е работен според филмот од 1975 година „Монти Пајтон и Светиот грал“.

Во него глуми одлична актерска екипа предводена од Никола Којо, кој на театарските штици им се врати по 20 години пауза, па поради тоа беше вистинско доживување да се види неговата актерска умешност и во живо.

Покрај Којо, во главните улоги играат и Никола Ѓуричко, Гордан Киќиќ, Срѓан Тимаров, Дејан Луткиќ и Јелена Јовиќиќ.

Приказната го следи кралот Артур, кој бара витези што би му се придружиле во потрагата по Светиот грал, или како што убаво забележа еден од ликовите, чашата која Бог ја изгубил, бидејќи очигледно бил невнимателен.

Со четирите витези како придружба тој доживува безброј патешествија, во кои „никнуваат“ и се испреплетуваат многу личности.

Изненадување за време на претставата беше специјалното учество на македонскиот фудбалер Дарко Панчев во ликот на Бог, а не изостанаа и шегите за местењето тендери, помодарството на социјалните мрежи, како и за други теми кои како што нагласи Сер Ланселот (Ѓуричко), и по 1000 години ќе се сметаат за контроверзни.

Мјузиклот ќе беше беспрекорно претставен ако повремено немаше проблеми со озвучувањето, како фонија и чкрипење на микрофоните, бидејќи за една ваква изведба, каде има музика во живо и пеење, звукот е клучен елемент во целата слика.

Но, и покрај ова, публиката си замина задоволна, а актерите и оркестарот беа почестени со долг и громогласен аплауз и овации.

Покрај синоќешната изведба, мјузиклот „Монти Пајтон Спамалот“ ќе може да се проследи уште вечерва и утре.

Е.П.