Митко Чавков: Настаните беа како на филмска лента, немаше никакви дојави дека ќе се случи инцидент

Директорот на бирото за јавна безбедност Митко Чавков преку прес-конеференција реагира на искажувањето на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, велејќи дека е крајно некоректно постапувањето на полицијата да се политизира и таа да се претставува како непријател на државата и македонскиот народ.

Тој за настаните вели дека се одвивале премногу брзо и без никаква претходна дојава за каков било инцидент, па поради тоа, полициските службеници не можеле да реагираат веднаш.

„Какви биле проценките на тие што го планирале ова сценарио, не можам да коментирам, но очигледно е дека начинот на којшто беше спроведено, ги зголеми безбедносните ризици и предизвика моментална реакција на присутните пред Собранието. Ќе треба време и дополнителна анализа зошто тие што стоеја зад сценариото одбраа да го реализираат тоа после 18 часот, знаејќи дека во тоа време секојдневно се одржуваат протести пред зградата на Собранието“, рече Чавков.

„Настаните потоа се одвиваа брзо како на филмска лента, граѓаните за неколку минути го обиколија Собранието и се обидоа да влезат внатре. Имаше обиди полицијата да го спречи влезот на иритираната и разгневена маса, но употребата на сила во тие услови можеше и да значи да предизвика десетици жртви“, додаде тој.

Чавков рече дека почнале процес на идентификација на напаѓачите, при што биле покренати постапки против нив, во соработка со Јавниот обвинител. Најави дека истрагата и анализите на целиот случај ќе продолжат и во наредниот период и ќе се утврдува поединечната одговорност на сите инволвирани.

Тој истакна дека вчера се случи нарушување на јавниот ред и мир, како и безбедноста на присутните во Собранието, од страна на дел од лицата кои влегоа како што рече, на незаконски начин во законодавниот дом.

Чавков потсети и на обвинувањата кон полицијата за време на Шарената револуција.

„Полицијата минатата година беше обвинувана дека не употребила сила против насилничките акти на протестите на ткн. Шарена револуција, кога беше вандализирана, ограбена и запалена Канцеларијата на претседателот Иванов. Освен Канцеларијата, во континуитет беа напаѓани и Владата и Собранието, како објекти од витално значење, но и објекти на многу други институции. Полицијата тогаш реагираше само кога директно беа засегнати животите и безбедноста на граѓаните и на полициските службеници“, рече тој.

Истакна дека полициските службеници веќе две и пол години се справуваат со сериозни безбедносни закани и предизвици во услови на длабока политичка криза и последиците од неа.

Министерот Нухиу, пак, потенцираше дека дел од структурите на МВР вчера не си ја завршиле работата, и според тоа, мораат да сносат соодветна одговорност.

„Вчера од моментот на ескалација на ситуација, се’ до 20 часот, раководителот Митко Чавков не беше воопшто достапен, иако го барав и лично. За жал, во структурите во МВР политичкото има голема улога. Министерството за внатрешни работи е институција која мора да го гарантира јавниот мир, а не институција која политичките центри ја користат за свои цели“, рече тој.

Поради морална одговорност што во изминатиот период не успеал да го тргне политичкото влијание од министерството, Нухиу најави свое повлекување од функцијата.