Мирен протест утре кај Драчево – „Спомен за Ненад, безбедни улици за сите“

Велосипедисти, активисти и граѓани од Драчево и цело Скопје утре ќе се приклучат на мирниот протест што го иницираат семејството и пријателите на 30-годишниот Ненад Пешевски, кој беше прегазен од камион додека го возел својот велосипед на крстосницата меѓу Батинци и Драчево.

Протестот ќе се одржи на истата крстосница пред Драчево со почеток од 17 часот.

„Да се обратиме до целата јавност, со надеж дека ќе допре нашиот глас до надлежните институции со цел да превземат соодветни мерки за регулирање на сообраќајот на местото каде што Ненад беше прегазен. За да не се повторуваат сообраќајни незгоди, да нема повеќе жртви, да не биде некој од нас следниот Ненад“, стои во повикот за мирниот протест.

И од иницијативата НаТочак повикуваат на протестот. Велосипедистите се собираат на плоштадот „Македонија“ и возат потоа до местото каде загина Ненад. На локацијата ќе биде поставен бел велосипед за спомен (ghost bike), како изразување почит за жртвата, но и како потсетник за учесниците во сообраќајот за вакви случаи да не се повторат.

„Вакви вести слушаме речиси секојдневно. Оваа серија на убиства во сообраќајот мора да престане! Скопје е град, не бојно поле! Има начини како да се зголеми безбедноста кои се општо познати, но недостасува политичка волја. Да ги размрдаме одговорните! Во текот на наредните денови во настанот на Facebook ќе споделиме повеќе информации за случајот на Ненад, за незбезбедноста на скопските улици и предлози како да станат побезбедни. Придружете ни се во битката за побезбедно Скопје! Никој не замислува дека вакво нешто баш нему или на негови блиски ќе им се случи, но се случува, без разлика дали е централно градско подрачје, приградска населба…  Затоа, заедно да спречиме идни жртви! Спомен за Ненад, безбедни улици за сите!“, повикуваат од НаТочак.

Инаку, велосипедистите утре ќе возат по оваа РУТА.