Министерството за животна средина повторно ветува решавање на дивите депонии

Со проект финансиран од ЕУ во следниот период ќе се цели кон интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Скопскиот регион и подобрување на животниот стандард на приближно 1.200.000 жители од 43 општини од овие региони кои моментално годишно произведуваат 330.000 тони отпад.

Проектот беше презентиран денес на конференција, каде заменик министерот за животна средина Стево Темелковски нагласи дека „активностите за спроведување на политиките за управување со отпадот во Република Македонија ќе придонесат кон подобрување на стандардите за управување со отпадот во нашата држава“.

„Тоа првенствено подразбира решавање на проблемите со еколошки несоодветното одложениот отпад на општинските и останатите ‘диви’ депонии, кои треба итно да се затворат или технички да се надградат за да се постигнат стандардите утврдени со закон. Ова секако бара практични и финансиски изводливи решенија на приоритетните проблеми“, истакна Темелковски на конференцијата за Одржливо управување со отпад на регионално ниво.

Според нејавите, за време на проектот „Подготовка на потребни документи за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Скопски регион” ќе бидат составени бројни студии и документи.

Тоа вкучува и Регионални планови за управување со отпад, Стратешка оцена на животната средина, Физибилити студии, Анализи на трошоци, Оцена на влијанието врз животната средина, Основни проекти и помош при изработка на Тендерска документација за договори за работа и набавки за изградба на избрани инсталации за третман и отстранување на отпад, затворање на нестандардни/диви депонии и набавка на опрема за собирање и претовар на отпад во согласност со стандардите на ЕУ.