Министерката Дескоска до студентите: Бидете гласни бидејќи сте коректив на општеството

По повод почетокот на новата академска година, министерката за образование и наука Рената Дескоска на студентите и професорите им посака успех. Побара гласност од студентите.

„Вашето присуство во амфитеатрите и лабораториите докажува дека сте ја разбрале пораката која вели: Инвестирањето во знаењето е најсигурната одлука, како на личен така и на општествен план. Само луѓе кои се стекнале со одредени компетенции, кои се подготвени стручно и професионално да се справуваат со задачите и предизвиците ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот, а со тоа ќе придонесат и за сопствената, но и за општата благосостојба на заедницата во која живеат.

Бидете гласни, искажете го Вашето мислење без страв, бидејќи Вие сте корективот на општествените политики, Вие сте симболот на слободата и на прогресивниот дух и иднината на Република Македонија“, стои во пораката до студентите.

Дескоска уверува дека ќе се залага за подобрување на стандардот на студентите, а истовремно ќе ја гарантира и автомијата на Универзитетите. На своите колеги професори пак им порачува дека се на иста страна, со заедничка мисија – обезбедување повисок квалитет на високото образование, академска и творечка слобода.