Минимална плата во Хрватска речиси 400 евра, во Македонија далеку помала!

Минималната бруто плата во Хрватска следната година ќе изнесува 3017,61 куни (395 евра), што е за 32,83 куни повеќе од досегашниот минимум, соопшти хрватското Министерство за труд.

Минимална плата во Хрватска речиси 400 евра, во Македонија далеку помала!

Владата ја зголеми висината на минималната плата како резултат на порастот на просечните доходи, како и поради фактот што хрватската  економијата се уште се наоѓа во рецесија, а куповната моќ на населението е намалена.

Македонија после цели 20 години, лани со закон конечно ја утврди минималната плата, која во нето износ изнесува 8.050 денари (12.265 денари во бруто износ), со што земјата стана последна балканска држава која ја утврди минималната плата.

Сепак, според студијата на „Солидарност“ наречена „Богатството и сиромаштијата во Македонија“ за најзасегнатите индустрии (текстилната и преработка на кожа) социјалните партнери постигнале договор минималната плата да биде усогласена со минималната плата во другите сектори дури во 2015 година. Согласно овој договор, минималната плата во 2012 година во овие сектори е утврдена на 6.263 денари.

„Овој исклучок всушност значи дека минималната плата во Македонија за 2012 година де факто беше 6.263 денари, а не 8.050 денари. Податоците покажуваат дека од 403.170 вработени со полно работно време само 28.222 работници (7%) примаа плата пониска од 8.000 денари (октомври 2011 година). Односно дека само 7% од вработените можеа да ги почувствуваат ефектите од воведувањето на минимална плата“, се вели во студијата.

Професорот Здравко Савески, кој е еден од авторите на студијата на „Солидарност“ за Радио МОФ вели дека Македонија е земја со најголеми класни разлики во цела Европа и поранешниот Советски сојуз. Според него, има пари повеќе од она што Владата убедува дека има, но тие пари остануваат во рацете на екстра богатите.

„Ако Владата престане да ги привилегира екстра богатите тогаш ќе постои можност да се подигнат социјалните стандарди, вклучувајќи ја и минималната плата. Треба Владата да овозможи почитување на работничките права, особено преку профункционирање на инспекторатот за труд, со цел газдите да не се збогатуваат диспропорционално на платите на своите работници“, вели Савески.

Голем проблем е и непочитувањето на минималната плата. На терен забележани се примери каде е раширена практиката работодавците по исплатата на минималната плата да бараат од своите работници веќе следниот ден „на рака“ да им го вратат „вишокот“, се вели во студијата на „Солидарност“.

Координаторот за социјална политика во Фондацијата Фридрих Еберт, Милан Живковиќ вели дека со оглед на фактот што и во Хрватска и во Македонија износот на минималната плата е дефиниран како процент од просечната бруто исплатена плата (во Хрватска тоа е 36%, а во Македонија тоа е 39,6% од просечната бруто плата), може да се претпостави дека зголемувањето на просечната плата во земјава, по автоматизам ќе придонесе до зголемување и на минималната плата.

„Во Хрватска сега минималната (бруто) плата се зголеми од 380 евра на 395 евра. Но знаејќи дека од 2009 година (кога почна да се применува Законот за бруто плата) до сега просечната бруто исплатена плата во Македонија не се поместува од опсегот меѓу 31.000 и 32.500, може да се заклучи дека ќе бидат потребни некои „тектонски“ придвижувања во просечната плата во Македонија за да се достигне нивото во Хрватска и во другите земји од регионот и ЕУ што имаат далеку поголеми минимални плати од нас. Во исто време, разликата во висината на минималната плата во двете држави може да биде резултат и на тоа што Хрватска е член и на ЕУ и на НАТО – што е мошне силен предуслов за привлекување на странски инвестиции, намалување на невработеноста, подобрување на пазарот на трудот и зајакнување на индустриските односи (социјалниот дијалог)“, вели Живковиќ за Радио МОФ.

Според него, покрај настојувањето да се привлечат странските инвеститори во Македонија, потребно е социјалните партнери да се обидат уште повеќе да ја зајакнат положбата на работниците, да се подигне животниот стандард и да се обезбедат услови за пристојна работа на сите.

„Доколку се успее во тоа, нивото на просечната бруто плата ќе се зголеми експонентно а тоа по автоматизам ќе придонесе за зголемување на минималната плата во Македонија“, додава тој.

К.О.