Мина Радончиќ, средношколка од Србија: Системот нè гледа како деца кои немаат што да кажат

Мина Радончиќ е претседателка на Сојузот на средношколци на Србија и една од говорниците на Engage: Youth конференцијата која викендов се одржа на Осогово. Во разговор со Радио МОФ, Мина зборуваше за проблемите на средношколците, игнорирањето на нивните барања од Владата и застарениот образовен систем против кој се борат.

Кои се најголемите проблеми на средношколците во Србија?

Тоа што не сме препознаени како некој кој сака да биде дел од одлуките. Всушност, Министерството за образование и Владата нè омаловажуваат, затоа што мислат дека средношколците немаат ништо паметно да кажат. Никогаш ништо не нè прашуваат, иако иднината останува на нас младите. А, кога ние сакаме да се побуниме, мислат дека тоа е од погрешни причини и дека ние само сакаме да не одговараме, да не полагаме приемни и дека не ни се допаѓаат професорите.

Другите проблеми се што дури и кога ќе направиме некоја акција, не добиваме никакво медиумско внимание. За секој проект, голем дел од времето вниманието на организаторите е посветено на тоа некако да стигнеме до медиумите. Тој пат да стигнеме до поширока маса на луѓе е многу тежок.

Дали сте задоволни од јавниот образовен систем во Србија?

Никако. Системот е доста застарен и повеќе не одговара на 21-виот век. Нема кој да го реформира затоа што не постојат ни соодветни луѓе кои моментално се дел од владата. Кај нас сега се трансформира министерството и доста е бавна процедурата на менување на системот. Ќе видат дека нешто не чини, но ни самите не знаат како да го поправат за кратко време. Токму кога ќе смислат што треба да направат, составот повторно се менува. Така кругот се врти пак и пак, и ние остануваме со нашиот застарен систем. Воопшто и не сакам да почнувам за тоа дека учебниците ни датираат од 90-тите, сè уште пишува дека сме дел од Југославија.

Како настана Сојузот на средношколци на Србија?

Сојузот настана во 2003 година, како иницијатива на три училишни парламенти од Белград. За да успеат да направат некоја промена и да добијат поголема улога во донесувањето на политики во нивните училишта, овие училишни парламенти одлучиле дека доколку се групираат, се посилни. Со тек на времето, организацијата се пришири на целата територија на Србија и сега брои 140 училишни парламенти. Активна е во околу 70 градови, но постојат и други градови кои се приклучуваат на засебни акции и проекти. Имаме 20 локални координатори, кои имаат по 10 луѓе во своите тимови, и еден поголема тим од 21 средношколец во Белград.

Кои се позначајните проекти на Сојузот денес?

Веројатно проектот „Средношколци за средношколците“. Станува збор за проект со кој на средношколците им помагаме да се запознаат со тоа што ги чека кога ќе завршат со образованието – најголемата мистерија – што ќе се случи кога ќе престанеме да учиме и кога треба сами да најдеме работа. Поголемиот дел од нас не знаат ниту да напишат CV, ги знаат само основите, цел живот учат и воопшто не знаат што ги чека на пазарот. Затоа, идејата е секој средношколец кој е дел од овој проект, да научи како да најде работа, да работи неколку дена и да добие надомест за тоа. На крај, од парите кои средношколците ги заработуваат, се финансираат проекти по нивен избор. Тоа не се многу пари, но се доволно за еден ученик од 17 години да се инспирира и да сфати дека нешто може да направи доколку се труди. Макар и да станува збор за свежо обоена училница или еден компјутер повеќе во училиштето…

Македонскиот Средношколски пленум, кој во изминативе години на различни начини се бореше против лошо спроведените екстерни и матурски испити, сè уште има доста проблеми против кои протестира. Што можете да ги советувате од вашето искуство како постара и подобро организирана унија на средношколци?

Не знам колку е широка нивната мрежа, но бидејќи и ние немаме толку добра состојба и не сме признаени од министерството, најголем дел од нашите акции ги промовираме преку социјалните медиуми бидејќи таму може да се стигне до најголем број на средношколци. Со ширење на таа мрежа и со зголемување на мотивацијата, со зголемување на борбата и едноставно без откажување, мислам дека може со време нешто да се постигне. Но, треба да се биде многу, многу упорен.

Ни нашата идеја не заживеа одеднаш, но со континуитет и првенствено со мотивирање на луѓе кои не се плашат да работат, успеваме да туркаме напред.

Спомна дека министерството не ве гледа како легитимно претставничко тело на средношколците. Но, имате ли поддршка од другите институции, од професорите, другите организации? Имаат ли институциите слух за вашите проблеми?

Другите организации да, особено КОМС (Кровна организација на младите на Србија). Тие нè препознаваат и го ценат нашиот труд, бидејќи сме една од најактивните младински организации. Но, освен тоа, со професорите е малку потешко. Министерството ги влече директорите, директорите ги влечат професорите, а тие ги контролираат учениците. Професорот никогаш нема да го пушти ученикот од часови, иако има оправдание да дојде на некоја акција или проект, па така средношколците се контролирани и се плашат да бидат дел од организацијата. Тоа е некоја мрежа која сè повеќе се шири.

Во овие 13 години откога постои сојузот, кои се најголемите извојувани битки и промени кои сте ги направиле?

Најгорди сме на тоа што успеавме да го промениме Законот за средношколци со проектот „Право на сонце“. Со тоа добивме право да присуствуваме на седниците на училишните одбори, што претходно не беше возможно. Сега можеме да праќаме двајца полнолетни претставници на училишниот парламент на сите седници. Немаме право на глас, за тоа сè уште се бориме, но имаме право на наше мислење.

Тоа е нашиот генерален став: ако сме полнолетни граѓани на државата, и имаме право да гласаме на избори, зошто немаме право да одлучуваме за тоа што се случува во нашите училишта каде го поминуваме секој ден?

Стефанија Тенекеџиева