Microsoft сака бизнис корисниците да престанат да го користат Windows 7

Windows 7 е едвај десет години стар, а веќе се приближува крајот на поддршката на неговиот живот, објави thenextweb.com.

Сега, можеби со цел да се спречи бескрајно да се „провлекува“ како Windows XP, Microsoft Германија ги поттикнува бизнис корисниците да преминат на нова верзија на оперативниот систем, тврдејќи дека Windows 7 повеќе не кореспондира со бизнисите.

Маркус Ничке, шеф на Windows во Microsoft Германија, рече дека Windows 7 „веќе не може да ги задоволи потребите за безбедност“ од средината на 2010-ите.

„Windows 7 е базиран на застарена архитектура на безбедност“, додаде тој, пред да им сугерира на корпоративните клиенти „навремена транзиција кон модерен оперативен систем“.

Но, „убивањето“ на Windows 7 нема да биде лесна битка. Исто како и Windows XP, има добар дел корисници ентузијасти. Тој е речиси насекаде во корпоративни средини, и со 48.34 проценти, неговото користење е речиси двојно од Windows 10.