„Место на улица, во училишни клупи“ – со бизнис идеја ќе се борат да го намалат бројот на деца питачи

Петмина студенти од Скопје имаат бизнис идеја чија главна цел е да се намали бројот на деца кои питачат на улица. Секој од нив веќе имал некакво искуство со работа со деца. Една од нив е Селика Алили, која за Радио МОФ вели дека нејзина мотивација е да направи промена во општеството.

„Децата се една од најранливите категории во светот. Според мене и мојот тим, од нив почнува промената, односно ако сакаме да промениме нешто, би требало да почнеме од нив“, вели таа.

Нивната идеја неодамна беше наградена на натпревар реализиран во рамки на Националниот центар за развој на иновации во соработка со Ромскиот ресурсен центар, како дел од проектот Социјално претприемништво за инклузија на Ромите. Но, за да дојдат до конечниот резултат, било потребно сериозно истражување, нагласува Алили.

„Јас и целиот тим сме лично и емотивно поврзани со оваа тема бидејќи сме сведоци на тоа секој божји ден“, вели таа.

Нивната бизнис идеја се состои од деца кои ќе изработуваат уметнички дела, а во тоа може да ги вклучат и нивните родители како продавачи на делата, со што би се вклучиле две ранливи категории – деца на улица и лица кои се невработени, појаснува Алили.

„Нема да биде лесно и сите се договоривме да го направиме ова после факултет бидејќи сите сме студенти и цело наше слободно време оди на учење. Затоа се договоривме после две години кога ќе најдеме фондација која би инвестирала во нас да го започнеме проектот“, вели таа.

Првичниот фокус им е да регрутираат деца, да најмат простор каде тие би можеле да творат, но и да ги убедат родителите на овие деца за позитивните страни од овој проект.

„Овие деца се пуштени сами на себе, родителите ги тераат да питачат бидејќи едвај преживуваат, така што мислам дека треба да се посвети особено внимание на нив. За тоа колку системот е расположен да им помогне – слободно може да се види дека иако постојат проекти, фондации и разни други активности, бројот на деца на улица е се поголем од ден на ден. Мислам дека не се трудат доволно и дека тоа што го слушаме на медиумите е маркетиншки трик за зголемување на некаква репутација, а од тоа овие деца не виделе ни „П“ од помош“, забележува Алили.

„Нивно образование и нивна интеграција и успех“, се очекувањата кои таа ги има од оваа бизнис идеја.

„Место на улица – во училишни клупи ,место на ладно – на топло, место просјачи – идни работодавци, доктори, научници… Подигање на општа свест за овие деца кои се мачат“, заклучува таа.

Емилија Петреска

*Текстот е објавен во склоп на проектот „На час“, чии активности се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.