МЕСО бара да се платат викендите со активности за дружба на наставници, деца и родители

Мултиетнички синдикат за образование (МЕЕСО) реагира на барањето на Министерството за образование кое во рамки на проектот „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“ предвидува вон-наставни дополнителни активности за зајакнување на врската родител – ученик – наставник. Сметаат дека се дополнително оптоварување за  наставниците, но и дека треба да се платат доколку се одвиваат за време на викенди. Од Министерството се правдаат, проектот за дружба на наставниците и родителите не е задолжителен.

„Иако е најавено дека активностите немаат задолжителен карактер, Мултиетничкиот синдикат за образование сака да нагласи дека станува збор за непотребно дополнително оптоварување на наставниците. Во услови кога и така наставниците се дополнително оптоварени поради новите административни обврски кои се бараат од нив (пополнување на електронски дневник и друго) и воведувањето нови програми, ваквите идеи само дополнително ќе го скратат времето кое им преостанува на наставниците да се подготват на наставата. А тоа неизбежно ќе се одрази на квалитетот на наставата“, се наведува во денешното соопштение на МЕСО.

Оттаму посочуваат дека вон-наставните активности не смеат да бидат вклучени во фондот од 20 работни часа кои отпаѓаат на подготовка на наставниците за наставата и како дополнителна работна обврска на наставниците треба да бидат дополнително платени. Покрај тоа, бидејќи главно ваквите активности се планира да се одвиваат за време на викенди, Мултиетничкиот синдикат за образование бара тоа да биде дополнително платено бидејќи се работи за работен ангажман за време на викенд.

„Дружењето на учениците и родителите е исклучително пожелна работа. Но, за тоа воопшто не е потребно да се троши од слободното време на самите наставници, кои, ќе потсетиме, во голем дел и самите се родители па и тие имаат потреба да се дружат со сопствените деца. Покрај тоа, Министерството за образование заборава дека има деца со еден родител или без родители па вакви концепции на дружење негативно ќе се одразат на нивниот психолошки развоток, потенцирајќи им дека тие, за разлика од останатите деца, немаат еден или два родитела“, додаваат од МЕЕСО.

Од Министерството за образование и наука пак велат дека било евидентирано дека не постои поголема соработка меѓу родителите и наставниците и затоа е започнат проектот „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“.

Но тој за општините не е задолжителен, ниту обврзувачки, туку само предлог до нив, рече денеска заменик министерот Спиро Ристовски, на настанот на кој заедно со министерот Абдилаќим Адеми ги најавуваа новите критериуми за избор на директори во училиштата.

Претходно од Министерството за образование потенцираа дека наставниците забораваат оти максималниот неделен фонд на наставни часови изнесува 20, а останатиот дел, односно 20 часови ( како би се исполнила законската обврска од вкупно 40 работни часа во неделата), освен за подготовка на наставата, може да се искористи и за непосредна комуникација со учениците, како и за реализација на бројни други активности со кои се унапредува воспитно – образовниот процес на учениците.

Со проектот заедничко „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“ надлежните бараат наставниците да ги вклучат родителите во наставата и тие да учествуваат во приредбите на децата, да организираат новогодишни базари и да бидат дел од спортски настани со мешани тимови од наставници, учениците и родители. Од родителите исто така се бара да доаѓаат на час и да држат предавања на учениците за повеќе теми, да бидат дел од еколошките настани и културни настани, како посета на галерии и музеи. Освен во работните денови, во проектот се наведува дека ваквите активности за родители, ученици и наставници ќе може да се реализираат и во текот на викендите.