„Месец на претприемништво“ на техничките факултети од УКИМ

Студентите од четири технички факултети на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ првпат организираат „Месец на претприемништво“ кој ќе почне овој викенд и ќе продолжи во следните два викенда во февруари.

Во организацијата се вклучени студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Машинскиот факултет, Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство и Технолошко-металуршкиот факултет.

Во трите викенда ќе бидат организирани неколку предавања, работилници и панел-дискусии со учество на претстваници на компании, а млади и успешни претприемачи ќе ги споделат своите искуства и совети како студентите да ги реализираат своите бизнис-идеи.

Настаните ќе се случуваат во Студентскиот парламент на ФЕИТ, денеска и утре, од 12 до 15 часот и во следните два викенда месецов, на 20 и 21, и на 27 и 28 февруари.