Мен Букер наградата доделена на Џорџ Сондерс

Американскиот писател на кратки приказни, Џорџ Сондерс, ја доби Мен Букер наградата за неговиот прв роман, „Линколн во бардо“.

Книгата е базирана на вистински настан: ноќта во 1862 година кога Абрахам Линколн го закопал неговиот 11-годишен син Вили во гробиштата во Вашингтон. Замислувајќи го момчето заглавено во бардо – термин кој будистите го користат за просторот меѓу смртта и повторното раѓање – романот на Сондерс ги следи другите мртви, исто така заглавени во гробиштата, без волја да ја прифатат смртта, кои го набљудуваат момчето додека очајно чека татко му да се врати.

Напишан речиси целиот во дијалог, романот вклучува и исечоци од историски текстови, биографии и писма, некои од кои се вистински дописи, а некои напишани од самиот Сондерс.

Примајќи ја наградата, 58-годишниот автор од Тексас зборувал за значењето на културата.

„Ако не сте забележале, сржта на проблемот е многу едноставна. Дали ќе му одговориме на стравот со исклучување и негативност и насилство? Или го правиме тој древен скок на верба и правиме сè што можеме за да одговориме со љубов? Со вербата како идеја, другиот не изгледа како друг воопшто, туку тоа сме само ние на различен ден“, вели добитникот на престижната награда.

Претседателката на жири комисијата, Лола Јанг, го опиша романот како „исклучително дело“. Вели дека веднаш ја предизвикал форматот, кој е сличен на драмски текст, и била „обземена“ од делото кое смета дека е уникатно.