Меѓународен ден на човековите права – Универзалната декларација сè повеќе се заборава и игнорира

„Каде, најпосле, почнуваат универзалните човекови права? Во малите места, блиску до дома – толку мали што не можат да се видат на ниедна светска мапа. Но, тие се светот на секој поединец – соседството во кое живее, училиштето или факултетот кој го посетува, фабриката, нивата или канцеларијата каде работи. Тие се местата каде секој маж, жена и дете бара еднаква правда, еднакви можности, еднакво достоинство без дискриминација. Доколку тие права немаат значење овде, тие немаат значење никаде. Без грижата на граѓанинот да ги чува во својата близина, залудно бараме прогрес во поширокиот свет“.

Овие зборови ги употребила првата дама на Соединетите Американски Држави, Елеонор Рузвелт, за да го опише значењето на Универзалната декларација на човековите права, потпишана на 10 декември 1948 година, датум кој секоја година се слави како Меѓународен ден на човековите права.

Дакларацијата ги содржи неотуѓивите права кои се вродени за секој човек, без разлика на раса, боја на кожа, религија, пол, јазик кој го зборува, политичка или друга определба, национална или општествена припадност, имот, раѓање или друг статус.

Универзалната декларација е најшироко прифатен меѓународен договор на Обединетите Нации, а истовремено е и најпреведуваниот документ во историјата, достапен на повеќе од 500 јазици.

Обединетите Нации денеска во Париз ја започнуваат едногодишната кампања за реафирмирање на основниот документ за човековите права, кој следната година одбележува 70 години постоење.

До идниот 10-ти декември, организацијата најавува силна рефлексија на значајноста на секој од 30-те члена, кои се дел од документот.

Комесарот за човекови права на ОН, Заид Рад Ал Хусеин, вели дека благодарение на Универзалната декларација се подобрил секојдневниот живот на милиони и се спречило страдање на огромен број луѓе.

„Иако нејзиното ветување сè уште не е исполнето, самиот факт дека го издржа тестот на времето е доказ за универзалноста на нејзините основни вредности на еднаквост, правда и човечко достоинство“, вели тој.

Заид додава дека денес, кога Втората светска војна и Холокаустот стануваат далечно минато, свесноста исчезнува со загрижувачка брзина и огромниот прогрес кој е постигнат преку прогресивното усвојување на принципите на човековите права, кои се поставени во Универзалната декларација, се повеќе се забораваат или намерно се игнорираат.

„Мораме да се организираме и мобилизираме во одбрана на човековата пристојност, во одбрана на подобра заедничка иднина. Мораме да направиме робустен и одлучен гест: преку одлучна поддршка на човековите права на другите, ние исто така ги поддржуваме нашите права и правата на идните генерации“, вели тој.

Антониот Гутереш, Генералниот секретар на Обединетите Нации, вели дека кршењето на човековите права не престанало по усвојувањето на Универзалната декларација, но дека тој инструмент помогнал на голем број луѓе да добијат поголема слобода и безбедност.

„И покрај овие придобивки, фундаменталните принципи на Универзалната декларација се на тест во сите региони. Гледаме омраза, нетолеранција, злосторства и други форми на криминал. Ваквите активности се ризик по сите нас“, вели Гутереш, повикувајќи ги луѓето и политичките лидери од целиот свет да застанат одлучно во одбрана на човековите права и вредностите на Универзалната декларација.