„Матурска парада 2015“ утре во Скопје, Гевгелија и Охрид

Овогодишната „Матурска парада“ во сите земји учеснички ќе се одржи на 22-ри мај точно напладне, во 12 часот. Во Скопје манифестацијата ќе се одржи на Плоштадот „Пела“.

Според информациите од Танцовата школа „Уршка“ од Љубљана оваа година најавено е учество на „Матурската парада“ од: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија.

Во Република Македонија ќе учествуваат матурантите од Скопје, Гевгелија и Охрид. Вкупната бројка на обучени матуранти во Скопје е 800 а во останатите градови во Република Македонија вкупно околу 400 матуранти.

Елемент кој оваа манифестација ја прави попривлечна и поатрактивна како за самите учесници така и за најшироката јавност е што таа секоја година се прави обид да се постави Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден иста танц на различни места, односно во различни градови. Во изминатите години учесниците од стотина градови од Македонија, Словенија, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Бугарија, Македонија и Албанија, Украина, Унгарија и Австрија во седум наврати поставуваа вакви рекорди. Вкупниот број на учесници на “Матурската парада” во изминатите 14 години во сите градови учесници изнесува 281.988 матуранти.

Покрај ова, во последните шест години составен дел на подготовките и на самата завршна манифестација е кажувањето на изјавата – “заклетва” за ненасилство од страна на учесниците во сите градови во земјите во кои се одржува “Матурската парада”, на тој начин не само што во исто време на иста музика во различни градови танцуваат младите, тие, генерациите кои ќе го градат светот во иднина, во исто време од различни делови на светот ја испраќаат пораката за ненасилсто и толеранција.