„Матурска парада” 2013: Утре ќе се танцува квадрил

Подготовките завршија, матурантите утре напладне излегуваат на улиците и плоштадите низ Македонија за да го танцуваат традиционалниот танц квадрил. Веќе седма година по ред во Македонија, 13-та во Европа, се одржува манифестацијата „Матурска парада” која овозможува на едно место, во исто време да се сретнат сите матуранти.

„Матурска парада” 2013: Утре ќе се танцува квадрил

Ќе танцуваат матурантите во Скопје, Куманово, Струмица, Гевгелија, Охрид и Струга. Тие и годинава ќе се обидат да постават Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано играње на еден ист танц на различни места. Радио МОФ ќе го пренесува целиот настан во живо на овој линк, а вклучувањето ќе почне во 11.20 часот.

Во изминатите години учесниците од стотина градови од Словенија, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Бугарија, Македонија и Албанија, во шест наврати поставуваа вакви рекорди. Вкупниот број на учесници на “Матурската парада” во изминатите 11 години во сите градови учесници изнесува 207.792 матуранти.

Матурската парада е меѓународна манифестација која е покрената во 2001 година во Словенија. За идеен творец на манифестацијата се смета Томаж Амброж од Танцовата школа „Уршка“ од Љубљана. Носители на ексклузивното право за организација на „Матурската парада“ во Македонија се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Танцовиот клуб „Ритам плус“ од Скопје.