Гран при награда за „Машината Јан Бибијан“ на ИТФ „Лица без маски“

Театарската претстава „Машината Јан Бибијан“, на режисерот Петар Пашов и софискиот театар „Атеље 313“, се добитници на Гран при наградата на Осмото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, 2015 година.

Во домот на АРМ, вчера (21 април), жири комисијата во состав: режисерот Бојан Трифуновски – претседател и членовите Трајанка Илиева Вељиќ-Таци, актерка и Сребра Ѓорѓиевска, театарски критичар и новинар,едногласно ја донесоа одлуката за наградите.

„Гран при наградата се доделува на претставата „Машината Јан Бибијан“ за уникатноста во режисерскиот концепт, беспрекорната актерска игра, инвентивноста во изразот и формата, беше истакнато во образложението на жирито.

Наградата за најдобра режија отиде во рацете на Ана Батева, која годинава го отвори фестивалот со претставата „Буре барут“, во изведба на театарот „Николај Бинев“ и „Креди арт“ студио од Софија, Бугарија.

„Наградата за режија се доделува на Ана Батева, за нејзиниот нов и јасен режисерски прочит на неколку дела од Дејан Дуковски, на тој начин создавајќи нова артистична форма“, потенцираше жири комисијата.

Наградата за најдобро актерско остварување годинава му беше доделена на актерот Ивајло Драгиев, од Бугарија, кој настапи во повеќе ролји во претставата „Буре барут“, на Ана Батева.

Годинешната програма на фестивалот „Лица без маски“, селектирана од режисерот Игор Ивковиќ, донесе исклучително квалитетни театарски продукции од Италија, Бугарија и МАкедонија, кои на македонската публика навистина понудија нови светови и нови алтернативи и експерименти во театарското промислување.

„Со гордост, можеме да кажеме дека годинешното издание помина со одлична посетеност и од страна на публиката, а тоа е воедно и поттик за сите нас да го развиваме и натаму фестивалот и да промовираме уникатни театарски претстави“, истакна Миодраг Костиќ, директор на ИТФ „Лица без маски“.