Марш за воздух како потсетник дека доаѓа зима: „Сакаме да дишеме, не да се труеме“

Скандирајќи „Сакаме да дишеме, не да се труеме“, започна мировниот марш за чист воздух кој тргна од Владата и продолжи кон Карпош, во знак на поддршка на активистите кои се борат против бетонизацијата на оваа општина.

„Ветувавте дека ќе направите промена. Ве охрабруваме да ја искористите шансата и да покажете сериозен пристап за решавање на проблемот со загадувањето. Проблемите се во екомонијата, неквалитетните возила, фабриките, нефункционалните инспекциски служби… Вашите деца или внуци ќе заболат, вие директно ќе бидете виновни. Заедно ќе ви стоиме на глава и ајде заеднички да го решиме проблемот“, побара од пратниците Лазар Ѓуров, во својот говор пред Владата. Тој потсети дека иако сега се дише бидејќи има ветер, во зима состојбата станува неподнослива. 

Активистите порачаа Владата што побрзо да почне да го решава проблемот со воздухот, бидејќи чистата животна средина е  уставно право на секој граѓанин.

Пред Владата тие јавно ги повторија барањата на 13-те организации кои се доставени до Министерството за животна средина, од каде веруваат дека треба да решавањето на проблемот. Свесни се дека до решение не се доаѓа преку ноќ, но десцидни се дека процесот мора да почне.

Од Влада, маршот продолжи кон Карпош 3, каде истовремено има собир на граѓани од Граѓанските иницијативи „Ние сме Карпош 4“, „Стоп на загадувањето“, „Воздух сега!“ и “Карпош 3“, кои ќе достават свои барања и петиција до Општина Карпош за зачувување на зелениот појас долж реката Вардар .