Марш за воздух и петиција против згради: Секоја вечер во Карпош смрди на нечиј профит

Со марш за чист воздух и потпишување петиција против бетонизацијата на Општина Карпош,  претставници на иницијативи, граѓански организации, активисти, граѓани, побараа да се реши  проблемот со загадувањето во Скопје. Маршот кој тргна од Влада, продолжи во Карпош. Овде се обратија претставници на една од најактивните еко-иницијативи „Ние сме Карпош 4“.

„Секоја ноќ штом зајде сонцето воздухот почнува да смрди. Мириса на хемикалии, мириса на изгорена пластика. Воздухот смрди секоја вечер, миириса на профитот на некои луѓе“ истакна активистот Ѓоко Парго. Тој порача дека граѓаните се будат, а притисокот за воздух ќе расте.

„Неќам згради, сакам парк“, скандираа присутните.

„На толкава загаденост нам ни требаат паркови , На толкава загаденост сакаме воздух, доста ни се згради.

Ние од Карпош 4 успеваме да не ни го донесат ДУП-от со еден куп паркинзи. Сетоа тоа е затоа што бевме упорни. Значи ништо не е залудно, секоја иницијатива, секој потпис, секој протест,“ се обрати пред присутните активистката Невена Георгиева.

По протестот започна потпишувањето на Петиција за стопирање на градбите во оваа општина и за зачувување на зелениот појас долж реката Вардар.

Протестот денеска е наречен Мировен марш по повод Светскиот ден на мирот, а иницијатори беа О2 Коалицијата за чист воздух заедно со Меѓаши.