Марк Закерберг: Ќе започнеме истрага, на апликациите ќе им го ограничиме пристапот до корисничките податоци

Основачот и извршен директор на компанијата Фејсбук, Марк Закерберг призна дека неговата компанија „направила грешка” во врска со наводното злоупотребување на корисничките податоци.

Компанијата се соочи со пад на вредноста на акциите од 37 милијарди долари откако американските власти повикаа на истрага поради собирање и злоупотреба на податоци на 50 милиони корисници на Фејсбук.

Закерберг, кој со денови беше критикуван поради немање одговор за скандалот, синоќа конечно проговори.

Извршниот директор на компанијата објави на својот Фејсбук профил долго соопштение, објаснувајќи кои чекори биле преземени и што ќе продолжи да работи понатаму за заштита на корисниците.

„Јас го основав Фејсбук, и на крајот на денот – јас сум тој кој носи одговорност за она што се случува на нашата платформа. Пристапот за решавање на проблемите во врска со заштитата на нашата заедница го сфаќам многу сериозно, рече тој.

„Наша обврска е да ги заштитиме корисничките податоци, а ако не можеме да го направиме тоа, тогаш не треба да им служиме на луѓето,” додаде тој.

Закерберг вели дека „најпотребните чекори за спречување на она што се случува денес, компанијата ги презела многу години”.

„Но, исто така, направивме некои грешки. Има уште многу што треба да се направи”, рече тој.

Фејсбук моментално се обидува да утврди „што точно се случило”, за да се спречи појава на слични инциденти во иднина.

Закерберг во соопштението изложи неколку настани кои довеле до ситуацијата во која се наоѓа компанијата денес.

„Во текот на 2013 година, истражувач од Универзитетот во Кембриџ, Александар Коган, создаде апликација која претставуваше некој вид на личен тест, а апликацијата ја инсталираа околу 300.000 луѓе, кои ги споделија своите податоци, како и некои податоци од своите пријатели. Со оглед на начинот на кој нашата платформа функционирала во времето, значи дека Коган имал пристап до десетина милиони податоци од пријатели на корисниците”, објасни Закерберг.

„Фејсбук во 2014 година ги внесе промените што го оневозможија пристапот до податоци преку такви апликации, кои не можеа да добијат пристап до податоци од пријатели на корисниците, освен ако корисникот не би го дозволило тоа,” додаде тој.

Во 2015 година, Фејсбук открил од новинар на „Гардијан“ дека господин Коган ги делел корисничките податоци што ги собирала неговата апликација со компанијата „Кембриџ Аналитика“, што претставувало кршење на правилата на компанијата, со што апликацијата на Коган била веднаш тргната од платформата.

Закерберг вели дека Фејсбук тогаш побарал Коган и „Кембриџ Аналитика“ да ги избришат сите кориснички податоци до кои дошле на несоодветен начин, но дека минатата недела дознал оти податоците не се избришани, како што му било кажано претходно.

На Коган и на компанијата „Кембриџ Аналитика“ им е скратено правото на користење на Фејсбук услугите.

Закерберг сподели план од три чекори, кој има за цел да ја подобри заштитата на корисниците.

Прво, ќе започне истрага за сите апликации кои имале пристап до огромна база на податоци пред да се вметнат новите правила во платформата во 2014 година.

„Ако ние откриеме дека одредени програмери ги злоупотребиле личните информации на корисниците, ќе прекинеме соработка со нив, и ќе ги предупредиме сите оние што таа апликација ги загрозила,” рече Закерберг.

На апликациите, исто така, ќе им биде ограничен пристапот до податоците на корисниците. На пример, ако корисникот не ја користи активно апликацијата во последните три месеци, пристапот до кој програмерите го имаат до неговите податоци ќе биде прекинат.

Промената ќе им овозможи на корисниците подобро да разберат кои апликации имаат пристап до нивните податоци.

Фејсбук ќе го направи тоа така што ќе воведе нова алатка на времепловот („News Feed“), кој ќе им овозможи на корисниците лесно да видат кој апликација има пристап до нивните лични податоци, и да им даде можност да не им дозволуваат пристап до своите податоци на тие апликации.

Оваа алатка веќе постои во делот за прилагодување на приватноста на Фејсбук, но компанијата ќе ја постави на врвот на времепловот „за да се погрижи да ја видат сите“.