Малтретираниот Лаки тренира да им помага на беспомошни луѓе – црниот ротвајлер чека втора шанса

Секој заслужува втора шанса. Оваа едноставна, но често заборавена мисла Тони Стојчевски сака сите да ја прифатат. Овој струмичанец веќе 25 години професионално се занимава со тренирање на кучиња кои им помагаат на лица со попреченост во Италија и Швајцарија. Негов најнов пријател е Лаки, кучето кое неодамна беше врзано со јаже и беше влечено со кола по улиците во Струмица. Од тие ужасни моменти сега се останати само конците на ногата на Лаки. Тој, пак, не мирува. Скока и ви се фрла во раце секојпат кога ќе се одалечите.

„Сака да ви каже дека не сака пак да биде оставен“, вели Стојчевски.

Фотографија од влечењето на Лаки и сега

Според него, секое куче може да се смени ако му се пружи љубов и внимание.

Токму поради ова, тој сака да му овозможи втор живот и на ротвајлерот кој деновиве беше заловен во Вардариште бидејќи повреди неколку граѓани, меѓу кои и деца. Властите одлучија да го усмртат, но Стојчевски спречил да се случи тоа и сега работи на тоа да го вдоми. Сака да му даде шанса да се излекува, исто како што луѓето го прават тоа откако ќе направат нешто лошо, заклучува тој. Иако, вели, не верува дека станува збор за истото куче.

„Не е можно ова да е тоа куче бидејќи агресивно куче не дава да се залови така лесно. Кога беше заловувањето ја мавташе опашката, сакаше да игра исто како Лаки“, објаснува Стојчевски.

Според овој тренер, воопшто не е лесно за куче што било користено во борби да се врати во нормален свет. За тоа да се случи, вели тој, потребно е време и внимание и тоа мора да го направи професионалец.

Стојчевски за време на обуките во Италија

„Лаки се смени со постојана игра, со шетање и со социјализација со други кучиња. Тие најмногу се менуваат кога ги имаат нивните другари и кога кучето ќе биде посветено на игра ќе заборави на тоа што му се случило. Ако го одделите од социјалниот свет и го оставете да биде дома на ланец, многу тешко ќе се рехабилитира“, нагласува Стојчевски.

За случајот на Лаки вели дека се работи за крајно нечовечки гест, кој врз кучето можел да остави доживотни трауми.

„Кога ќе подигнев рака се плашеше, исто и кога ќе слушне правосмукалка или автомобили, но сега е многу подобро. Носи и топчиња, обожава да си игра, но прво се плашеше од нив. За десет дена постигна неверојатен резултат“, вели Стојчевски.

„Нема агресивно куче, има само агресивни луѓе“

Случајот со ротвајлерот уште еднаш го покажа долгогодишното нефункционирање на институциите за решавање на проблемот со уличните кучиња. Но, наместо гневот да биде насочен кон нив, граѓаните решија директно да се пресметат со кучињата оставајќи отров, опасен и по сопственото здравје.

„Такво нешто не постои во еден нормален свет“, вели Стојчевски.

Лаки учи манири

„Поради еден инцидент, што е жално и за дечињата, да настрадат и други кучиња. Како прво, сè уште не е докажано дали е тоа куче, дали тоа е користено за борби, така што нема поврзаност меѓу двата случаи. Ако куче нападне, тоа е бидејќи му се случило нешто лошо, било тепано, или користено за борби. Кучињата напаѓаат од страв“, продолжи тој.

„Нема агресивно куче, има само агресивни луѓе“, заклучува Стојчевски.

Според него, прво нешто што треба да се направи и е да забрани кој било да одгледува кучиња и тоа од која било раса.

„Ако се дознае дека кучето било користено за борби, треба да се одземе и да се проба да се рехабилитира затоа што кучето не сака да се бори, не сака да биде агресивно, но со текот на времето од страв и да не биде тепано станува агресивно. Агресивноста за нив е еден вид на одбрана“, забележува Стојчевски.

Исто така, тој вели дека потребно е задолжително чипирање на сите кучиња.

„Ако на улица се најде кое било куче, да се знае на чиј сопственик е и да има контрола. Не може секој да има куче и кога не му одговара да го фрли на улица, тоа е најлесно. Кучето може да нападне бидејќи е гладно и исплашено. Нема куче што напаѓа бидејќи сака да биде ѕвер. Луѓето ги прават такви“, повтори тој.

За жал, вели Стојчевски, во Македонија сè уште нема такво нешто. Затоа, тој отвори свој центар за обука на кучиња во Скопје, кои им помагаат на беспомошни лица, бидејќи како што вели „нема подобра терапија од куче“. Неговите кучиња веќе знаат да отвораат и затвораат врати, да им помагаат на лица што се во количка, да донесат предмети или да го носат пазарлакот.

Неговото искуство во странство, пак, е сосема поинакво од македонското. 

„Прво, секое куче и сопственик треба да поминат курс, одредени лекции за да се увиде дали си способен да го имаш и чуваш кучето. Не може кој било да има питбул или куче од 80 кила и да не знае што со тоа куче. Таму сите се чипирани и имаш одредена обврска, ако проверат дека кучето си го пуштил на улица, следува и затвор. Секое куче оди во школо како што е тоа нормално и за децата. Учат многу работи преку игра. Лесно е да се живее таму со куче, затоа што кучињата се раѓаат без да имаат стравови од тепање, ниту отрови“, забележува тој.

Кучињата нè имаат само нас

И кучето на Јане тренира за да му помага во секојдневието

„Од чување куче има само бенефит. Прво, тоа ви е најверен пријател. Секогаш е расположено за игра и за шетање. Како второ, кучето лачи ендорфин кој е хормонот на среќата. Кучето се користи и за различни помагања, како што е за лицата со посебни потреби, за лица со депресија. Кучето ги чувствува сите ваши промени, дали сте расположени, тажни или болни. Тоа има потреба само од три работи – храна, вода и да му дадете љубов“, вели Стојчевски.

„Кај нас треба многу да се промени свеста. Кога тоа ќе се промени, кучињата уште ќе се тука. Со векови биле и ќе бидат во ова општество“, смета тој.

Стојчевски соопшти дека од идната година ќе започнат проект кој ќе се одвива низ училиштата во државата, а ќе има за цел да ги социјализира кучињата со децата.

„Ако во општеството се пренесува од колено на колено дека кучињата напаѓаат и дека се лоши – ‘ако видиш куче, мавај и бегај!’, тоа нема да се исчисти од корен, луѓето нема да се научат дека кучињата не напаѓаат, дека може да им помогнат во било што“, вели тој, додавајќи дека ваквата едукација потребно е да започне уште од забавиште.

Блеки, едно од деветте кучиња што ги тренира Стојчевски протестираше пред Собрание заедно со лицата со попреченост

„Кучето треба да биде водено, да биде сакано и да има континуитет, а не да служи како тепих“, вели одлучно Стојчевски. За него најважно е децата да сфатат дека кучињата не се такви како што возрасните им ги опишуваат.

За заловениот ротвајлер кој сега е во Вардариште, пак, вели дека ако му дозволат да го вдоми ќе се вика Вита. Неговото објаснувањето за тоа е дека животот на кучето висело на конец, а сега ќе добие нов. Тој е свесен за големиот притисок од луѓето кои ќе чекаат дури и најмал нејзин неуспех за да кажат дека тоа не функционира. Сепак, тој не се откажува од неа.

„За една држава се гледа дали оди напред според тоа како ги третира животните, особено кучињата, бидејќи кучето е зависно од човекот“.

Емилија Петреска