„Мали цртаџии“ – хуманитарна продажна изложба

Во „Концепт 37“ утре (17 декември) ќе биде отворена хуманитарна продажна изложба на керамички брошеви инспирирани од детски цртежи на тема животни, избрани на конкурсот „Мали цртаџии“.

„На објавениот конкурс ‘Мали Цртаџии’ добивме неверојатни 550 цртежи од кои моравме да избереме само 50! Не ни беше лесно, но уживавме во секој момент! Поминаа многу фази од конкурирањето; изборот; изработката; сушењето; печењето; глазирањето и ете! Дојде и тој ден! На изложбата оваа недела, конечно ќе може да ги видите изработките во полн сјај, да се подновите и да радувате!’, велат организаторите на изложбата.

Од оваа изложба, велат тие, ќе произлезат многу убави моменти.

„Прво, детенцето со најлајкуваниот цртеж ќе добие награда – керамички брош по свој дизајн; Второ, дел од средствата што ќе се соберат од продажбата ќе се донираат од дете за дете; Трето, родителите на децата со избран дизајн ќе имаат дополнителни 20% попуст! И секако, малите цртаџии ќе бидат пресреќни кога ќе си ги видат своите животинки материјализирани и претворени во прекрасни уметнички керамики! Придружете ни се заедно да ја шириме креативноста и убавата мисла; да ги менуваме работите и да инспирираме!“, стои во најавата за изложбата.

Организатори на изложбата се „Керамика кафе“ и ателје „Бореј“во соработка со „Паратисима Скопје“ и „Концепт 37“.

Деталните информации за конкурсот, галеријата на цртежи и гласањето може да се најде ТУКА.