Макинова 2016: Робот кој сложува Рубикова коцка и роботска рака што игра tic tac toe наградени со златни плакати

Давид Лазароски и Ѓорѓи Димески се добитници на златни плакати на годинешната Меѓународна изложба на пронајдоци, иновации и нови производи Макинова 2016, која се одржа во склоп на Саемот за техника Технома во Скопје. Нивните проекти беа наградени поради иновативноста и успешноста.

Лазароски и Димески, учествуваа под менторство на професорот Емил Тавчиоски, а како претставници на Клубот за талентирани средношколци формиран од академијата Микросам, каде се вршат обуки за програмери, инженерски помошници во машинството и инженерски помошници во електроника, автоматика и роботика.

„Со ова се докажуваат квалитетните обуки во Микросам. Идејата за еден ваков тип на образование, кој ги вклучува најатрактивните курсеви, е единствена и оригинална, барем на овие простори“, велат од академијата.

Микросам е само дел од целокупниот концепт на компанијата за промена на пристапот на работа, образование, размислување, како императив за постигнување на заедничката цел: Подигање на нивото на техничко – технолошки развој на република.