Македонските институции со поддршка за кампањата #СегаКажувам

Кампањата #СегаКажувам / #TaniTregoj која имаше цел да се подигне јавната свест околу сексуалната злоупотреба и насилство, освен големиот одзив на социјалните мрежи, доби поддршка и од повеќе македонските институции.

Кампањата, во која граѓаните јавно ги објавуваа своите или искуствата на нивните блиски кои доживеале некоја форма на сексуална злоупотреба или принуда од позиција на моќ, вчера на своите фејсбук профили ја поддржаа и Премиерот Зоран Заев како и министерствата за образование и наука, здравство, труд и социјална политика и внатрешни работи.

„#СегаКажувам дека заедно се залагаме институциите да ги препознаваат и да постапуваат по сите форми на сексуално насилство. Гласни и посветени, заедно обезбедуваме подобар систем за превенција, заштита и казна“, напиша Заев на својот профил.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска преку свој фејсбук статус изрази поддршка потенцирајќи дека кампањата е за општество во кое никој нема да молчи“.

Министерството за внатрешни работи ги охрабри граѓаните да пријавуваат сексуално насилство и вознемирување, додека од Министерството за образование и наука (МОН) испрати порака со охрабрување до учениците, студентите и наставниците да ги пријават сите случаи на сексуално вознемирување во образованието до Државниот просветен инспекторат.

„Наставникот/професорот треба да претставува пример во однесувањето за своите ученици и студенти и затоа најстрого ќе ги казниме ваквите сериозни престапи за несовесно и неетичко работење. #СегаКажувам ги охрабрува сите жртви на сексуално вознемирување да ги изразат своите трауматични искуства и да ја кренат свесноста за ова значајно прашање“, порачаа од МОН.

Во пораката за поддршка на кампањата од Министерството за здравство, тие соопштија и дека е започната практичната реализација на Истанбулската конвеција со воспоставување три центри за здравствена заштита од сексуално и родово базирано насилство во Скопје, Тетово и Куманово.

„Целта е жртвата во едно помалку трауматично опкружување, водејќи се од принципите на доверливост, сигурност, почит и недискриминација, да биде згрижена и да ја добие потребната здравствена и психолошка нега, како и да се обезбедат докази доколку одлучи да го процесуира случајот. Досега, вакви центри не постоеја и тоа го отежнувше процесот на третирање на жртвите“, велат од Министерството.

Кампањата #СегаКажувам / #TaniTregoj пред два дена беше покрената од неколку активистки за женски права и во меѓувреме поттикна стотици објави на корисниците на Фејсбук и Твитер кои јавно ја објавија личната приказна, или изразија поддршка на иницијативата.