Македонскиот воздух најзагаден во Европа, Скопје најзагадено во Македонија

Македонија последниве 12 часа е една од ретките европски држави обележана со црвена боја, која означува многу големо аерозагадување, според податоците од Европскиот индекс за квалитетот на воздухот.

Тетово и Скопје се двете точки кои регистрираат најголемо загадување со ПМ-10 честички. Покрај Македонија, од државите кај кои се мери квалитетот на воздухот на оваа мапа, лош воздух е регистриран и во Бугарија, како и во делови на Полска, Шпанија и Словачка, додека останатиот дел од континентот има задоволително ниво на квалитет на воздух.

Во Македонија, утрово жителите на Скопје ги разбуди густа магла и ужасни количини на аерозагадување. Во 9 часот сите мерни станици во главниот град регистрираат загадување од ПМ-10 честички четири до пет пати над максимално дозволената граница од 50 микрограми на метар кубен. Од 272 микрограми на метар кубен ПМ-10 честички на мерната станица „Ректорат“, до 192 во Лисиче.

На социјалните мрежи веќе е најавен протест „Станете за чист воздух!“ во сабота на пладне пред Владата на Македонија.

Загадување со ПМ-10 честички низ мерните станици во Македонија, утрово во 9 часот

Аерозагадувањето во Скопје достигна највисоки нивоа синоќа околу полноќ. И преку 10 пати над максимално дозволената граница. Мерната станица во Карпош во 22 часот регистрирала 572 ПМ-10, а мерната станица „Ректорат“ измерила 570 ПМ-10 честички на полноќ и еден час подоцна.

Аерозагадувањето во другите делови на Македонија е пониско, но над дозволените граници.

Велес (280) и Куманово (170) се најзагадените градови во источниот дел на Македонија, додека во 9 часов утрово, во западниот дел на земјава, над дозволената граница се Битола (97) и Тетово (72).

Во услови на висока загаденост на воздухот се препорачува излегување надвор само по потреба и избегнување подолга изложеност на отворено. Излегување без посебна потреба не им се препорачува особено на мали деца, стари лица и бремени жени.

Густата магла во скопската котлина засега не го попречува патниот, железничкиот и авиосообраќајот. Утрово се реализирани предвидените полетувања и слетувања од скопскиот аеродром „Александар Велики“, со исклучок на утринскиот лет на „Туркиш ерлајнс“, кој како и вчера е откажан поради лоши временски услови, покажува веб страницата на аеродромот во Скопје.

Според информации од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ), поради маглата видливоста на автопатот Скопје-Катланово е намалена на 50 до 100 метри. Градскиот и приградскиот сообраќај во главниот град, како и меѓуградскиот превоз, засега се одвиваат непречно со вообичаено доцнење за овој период од годината.