Македонскиот првак Азра Цури се откажа од каратето откако Федерацијата не и дозволи настап на Светско првенство

Со солзи во очите и со одлука да се откаже од каратето, 18-годишната Азра Цури ја примила одлуката на Карате федерацијата на Македонија (КФМ) дека нема да биде дел од македонската репрезентација на престојното Светско првенство за кадети и јуниори, кое на крајот на октомври, ќе се одржи во Шпанија.

Реакцијата на младата каратистка, државен шампион на Македонија, ни ја пренесе нејзиниот тренер Елвир Куртановиќ, кој вели дека по 12 години напорно тренирање, семејството Цури, а особено Азра тешко ги погодила оваа одлука.

„Азра со очи наполнети со солзи дојде заедно со нејзиниот татко и ми ја соопшти дефинитивната одлука дека нема повеќе да се натпреварува. 400 тренинзи годишно. Тоа е многу време, многу труд, знаење и откажување. Многу откажувања во нејзиниот социјален живот – многу родендени, многу прослави на кои не била само поради тоа што се посветила на тренингот. Кога на тоа ќе ги додадете и големите средства кои се потрошени, нормално е разочарувањето кога некој нема да ти дозволи настап на Светско првенство“, вели Куртановиќ

Тој додава дека покрај Азра, уште 8 млади каратисти, кои се најдобри во Македонија во своите категории, не се во репрезентативната селекција поради тоа што не го исполнуваат условот на КФМ за потребен број борби, иако такво ограничување нема од Светската карате федерација. Куртановиќ смета, дека во случајот на Азра, тоа било и технички неизводливо поради тоа што на дел од турнирите таа немала противници.

„Азра Цури е само име и презиме во целата приказна, се работи за уште неколку натпреварувачи кои според критериумите на КФМ не ги исполнуваат условите, иако се најдобри во државата во своите категории. На тој начин мислам дека натпреварувачите се дискриминирани. Конкретно во случајот на Азра, таа ќе можеше да го постигне условот, но на дел од турнирите немаше противник, а со тоа ниту техничка можност да го исполни условот“, објаснува тренерот.

Според него, ваквата одлука на КФМ претставува кршење на основното право на спортистите да се натпреваруваат. Тој додава дека немало пречка извршниот одбор на Федерацијата да овозможи учество на овие натпреварувачи, но се сомнева дека бројни одлуки на ова тело се вршат нерегуларно и незаконски.

Куртановиќ тврди и дека повеќето од каратистите и нивните семејства се револтирани, но не реагираат јавно поради страв дека некој ќе им се одмазди за спротиставување на Федерацијата.

„Според правилникот на КФМ ограничувањето се базира на логиката дека тие се недоволно квалитетни да настапат на Светското првенство, што не држи. Азра, која како мој натпреварувач ја следам веќе 12 години, ги има добиено натпреварувачите кои веќе настапувале на светски првенства со максимален резултат 8:0. Нејзиниот квалитет е неспорен и ускратување на правото да настапи во Шпанија е неоправдано“, вели Куртановиќ.

Став побаравме и од КФМ, но до објавување на текстот од таму не добивме одговор за целата ситуација. Неофицијално, стручните лица од Федерацијата ни изјавија дека веројатно постои простор за промени во условите, но дека дел од условите за место во репрезентацијата биле донесени на иницијатива на карате клубовите.

За реакција се обративме и до директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, кој ни изјави дека по укажувањата се обратил за одговори до надлежните во КФМ, кои го информирале дека селекцијата била направена во рамките на нивниот правилник.

„Ме известија дека селекцијата е направена според критериуми усвоени од извршниот одбор на Федерацијата каде учествува и тренерот на Азра, Куртановиќ и одговорот беше дека тие критериуми ги исполниле 30 натпреварувачи. Јас можам да проверам само дали е во рамки на закон, но не можам да се мешам во менаџментот на самата Федерација. Можам после тоа да барам одговорност или контрола врз основа на тоа како била донесена одлуката, но не е во моите ингеренции да се мешам кого треба или кого не треба да повикаат“, ни изјави Каевски.

Куртановиќ, кој е тренер во карате клубот „Кеикс“, најави продолжување на борбата против селективни одлуки на раководството на КФМ, за кои вели дека штетат на младите успешни спортисти и нивните кариери.

Даниел Евросимоски