Македонски средношколци трети во Централна и Источна Европа по општо знаење

Средношколци од меѓународното училиште „Нова“ во Скопје, го освоија третото место на натпреварот по општо знаење „CEESA Knowledge Bowl“, кој се одржа минатиот викенд во Белград. Бронзениот медал го добија во конкуренција од 16 тима од земјите од Централна и Источна Европа.

Се работи за турнир каде од исклучително значење е брзината, а учесниците одговараат на случајно избрани прашања од различни области – природни науки, историја, географија, уметност, лингвистика…

CEESA Knowledge Bowl се одржува секоја година во различни градови, а на него учествуваат образовни институции од Централна и Источна Европа.

„Презадоволни сме и од пласманот и од уделот на секој учесник во натпреварот. Го дадовме својот максимум и успеавме да победиме тимови кои важеа за фаворити. Секоја година испраќаме наша екипа на овој натпревар и почнувајќи од 2015 година учениците се враќаат со медал. Тоа е најголемото задоволство за секоја институција која е фокусирана на раст и развој на секој свој ученик со цел да го постигне својот максимален потенцијал“, соопштија од „Нова“.

CEESA Knowledge Bowl во 2016 година се одржа во Скопје, а домаќин беше „Нова“. Тогаш двата македонски тима се пласираа на првото и второто место.

Натпреварот е дел од активностите на Асоцијацијата на образовни институции од Централна и Источна Европа (CEESA) во која членува и училиштето „Нова“.

Извор: МИА