Македонски „дронери“ за кои и небото не е граница

Летало кое се управува со движење на раката е сцена препознатлива од научно-фантастичните филмови како „Војна на ѕвездите“. Четворица млади иноватори  од Македонија успејaа ова да го пресликаат во реалноста.

За да функционира оваа технологија потребна им била паметна – фитнес алка и посебна смартфон апликација, како и многу работа на програмирање, дизајн и иновативност. Дронот се контролира со алката преку Wi-Fi врска. Резултатот изгледа импресивно, но главната идеја на младите иноватори била поедноставно и побезбедно користење на дроновите. Ова е прв пат сите овие направи да се спојат на ваков начин. Веќе конструирале прототип кој прецизно може да се управува на растојание од 50 метри.

„Дроновите се користат сè повеќе. Со тоа се зголемува и опасноста. Целта ни беше да се поедностави нивното управување, да може секој да ги користи – и најмладите. Oвој модел на фитнес алка го искористивме за „инстинктивно летање“ – како ја движиме раката, така се движи и дронот“, објаснуваат Филип Макрадули и Костадин Лазаров, дел од тимот што работи на овој проект.

Имаат по 18 години и само што завршија средно училиште. На проектот биле задолжени за хардверските решенија и презентација. Вклучени се и нивниот врсник Филип Димитровски, кој програмирал и Дарко Тодоровски кој со 29 години е најстариот член на тимот и работел на графичкиот дизајн. За себе велат дека се научни ентузијасти. Проектот го нарекоа Avis, латински збор за птица. Тоа е и името на нивниот тим.

Филтер на квалитет од НАСА

Со оваа технологија корисникот, покрај управувањето, би требало преку вибрации и сензори во алката да добива важни информации за временските услови, теренот, како и зоните на забрането летање.

Проектот влезе во најдобрите пет иновации на овогодишниот натпревар „Space Apps Challenge – Peoples Choice Awards“ на Американската вселенска агенција (НАСА). Предизвикот беше учесниците да понудат решенија кои би придонеле во истражувањата на вселената, или би го подобриле животот на Земјата. Македонскиот тим освои најмногу гласови од публиката преку интернет, но Филип и Костадин сè уште не добиле точно образложение зошто не победиле.

„Најважно ни беше добро да се претставиме и да научиме нешто ново. Среќни сме што успеавме во конкуренција од 150 пријавени проекти, многу од нив од реномирани светски универзитети, да влеземе во најдобрите 25, а потоа и во топ 5. Тоа значеше дека нашиот проект го прегледувале директно луѓе од НАСА. На некој начин го поминавме тој НАСА филтер на квалитет. Не е наша работа да се мешаме и влијаеме во начинот на избор на победникот. Ние дадовме сè од себе. Не ни беше важна наградата, туку тоа што се добива после тоа“, објаснува Костадин.

Додаваат дека доволен успех е што голем број луѓе слушнале за нив и што оствариле некои важни контакти за иднина. Горди се што покажале дека од Македонија може да излезе нешто квалитетно од сферата на новите технологии и иновации.

Младоста како маана

Во иднина велат дека планираат да останат заедно како тим и да го усовршуваат проектот. Прецизноста и растојанието на управувањето на дронот била ограничена од квалитетот на уредите со кои располагале. Со понапредни технологии веруваат дека би дошле до уште подобри разултати. За тоа се потребни инвестиции, што претставува најголем проблем за нив.

„Фирмите и институциите, со чест на исклучоците, не се толку отворени за соработка на вакви иновативни идеи. Особено ако доаѓаат од средношколци – ние веднаш сме им „под ниво“. Тоа е тажно. Соработката помеѓу фирмите од оваа индустрија и луѓето кои се спремни да ги вложат своите идеи и размислувања во таа област е добра комбинација за развој и на науката и на индустријата и на економијата“, вели Филип.

Сфаќаат дека огромните вложувања во забавните медиумски содржини, реални шоу и генерално во забавната индустрија не е само регионален туку и светски тренд, додека науката е запоставена.

„Повратната вредност од инвестирањето во науката е многу поголема отколку во забавната индустрија. Но, забавната индустрија во краток период нуди големо количество на забава, за разлика од науката, каде е потребно многу, многу труд да се дојде до момент кога би станало интересно. Тоа е впечатокот во јавноста. И тоа е тешко да се прифати. Сепак, во други земји науката повеќе се негува од овде“, додава Филип.

Македонија има луѓе со огромен потенцијал, велат тие. Луѓе за кои никој нема чуено, а кои не заостануваат зад своите врсници од технолошки понапредните земји. Порачуваат дека без вложувања, нивните идеи и развој стагнираат.

Заминувањетo во странство – прашање на време

Филип и Костадин завршија гимназија и планираат да продолжат на некои од факултетите за електротехнички и информатички науки бидејќи сметаат дека таму би биле најпродуктивни. Веќе имаат понуди за стипендии. Но, двајцата велат дека е само прашање на време кога ќе одат надвор од државата, барем на некое време.

„Не е тоа само поради тоа што во Македонија не чини, па одиме во странство, туку затоа што едно меѓународно искуство е добредојдено за секој човек. Една од причините е што таму се дава можност да се развиваат одредени работи повеќе од овде. Практичната примена денеска е пресудна, како да направиш нешто што ќе ги задоволи потребите на корисниците на различни луѓе од светот. Не да се концентрираш само локално“, смета Костадин.

„Не го глорифицираме тоа „странство“. Дека таму се добрите, а овде лошите. Тоа странство ни треба поради инволвираноста на целата заедница на поинаков начин од тука. Не ја исклучуваме можноста да се вратиме, но еден период надвор од Македонија би ни помогнал – па и за понатамошно подобрување на ситуацијата тука“, објаснува Филип.

Сакаат да ја поттикнат македонската заедница да одвои повеќе внимание на науката и инженерството. Да се вклучи во овие области и да инвестира, не само финансии, туку и време и интерес. Според нив во земјава има доста поединци кои со малку поголем поттик можат да постигнат големи работи. Доволно е некој да праша, да прочита што се случува, научната заедница да биде сфатена многу посериозно, велат тие.

„Имаме кадар кој лесно се вработува во европските земји и не покажува дефицит на знаење. Тоа се случува во една ситуација каде инвестициите во науката се минимални. Што би се случило доколку малку се поткрене таа заедница“, се прашува Филип.

Даниел Евросимоски

*Текстот е првично објавен на сајтот на Ал Џазира Балканс и е адаптиран од авторот за Радио МОФ.